ПОЛИТИЧКА ЕКСПЛОЗИЈА ВО ПОЛСКА Претседателот го обвини Туск за насилно преземање на Уставниот суд
Судијката Ана Корвин-Пјотровска објави дека го суспендирала Богдан Свјечковски и го презема раководењето со Судот. Навроцки го обвини Туск за насилно преземање на институцијата, додека премиерот тврди дека се работи за враќање на владеењето на правото.
Сериозна политичка и институционална криза ја зафати Полска, откако претседателот Карол Навроцки го обвини премиерот Доналд Туск дека неговата влада насилно презема контрола врз Уставниот суд. Судирот ескалираше откако судијката Ана Корвин-Пјотровска објави дека го суспендирала претседателот на Судот, Богдан Свјечковски, и дека таа ќе го преземе неговото раководење.
Полскиот Уставен суд доцна синоќа соопшти дека Корвин-Пјотровска, судијка со најдолг судиски стаж, го суспендирала Свјечковски, кој беше назначен за претседател на Судот за време на претходната влада предводена од националистичката партија „Право и правда“ (ПиС). Според дополнителните информации од полските медиуми, суспендиран бил и потпретседателот на Судот, Бартломеј Сохањски.
Корвин-Пјотровска објавила дека ја презема одговорноста за управувањето со институцијата, но легитимноста на нејзината одлука веднаш била оспорена од досегашното раководство на Судот и од политичките сојузници на Свјечковски.
Претседателот Навроцки, кој е политички близок до претходната националистичка власт, го прекинал официјалното патување во Африка и се вратил во Варшава за да реагира на случувањата.
– Синоќа во Република Полска дојде до нарушување на уставниот поредок и насилно преземање на една уставна институција – се наведува во неговата изјава, која рано утринава пред зградата на Судот ја прочитал неговиот соработник.
Навроцки потоа се упатил кон зградата на Уставниот суд, каде што биле распоредени засилени полициски сили. Пред институцијата се собрале неколку стотици демонстранти, меѓу кои и поддржувачи на опозициската десница, кои барале враќање на Свјечковски на функцијата.
За време на неговото пристигнување дошло и до физичка конфронтација со судии пред влезот во зградата. Снимки објавени на социјалните мрежи покажуваат како претседателот се пробива низ групата луѓе за да влезе во Судот. Додека неговиот тим го обвинил другата страна дека го попречувала претседателот, претставници на судиите тврделе дека Навроцки физички се конфронтирал со нив.
Полскиот претседател повикал на итни консултации со претставници на парламентарните политички групи, со цел, како што навел, да се стабилизира политичката ситуација и да се обнови уставниот поредок.
Премиерот Доналд Туск, од друга страна, ги брани постапките на својата влада и тврди дека целта е враќање на владеењето на правото во земјата. Европската Унија со години ја критикуваше претходната влада на партијата „Право и правда“ поради промените во правосудниот систем и политичкото влијание врз судството.
– Овој процес е тежок, понекогаш дури и болен и бара одлучно дејствување. Друг пат нема – напиша Туск на платформата „Икс“.
Судирот околу Уставниот суд е дел од подлабоката институционална криза во Полска, која трае со години. Спорот започна во 2015 година, кога партијата „Право и правда“ назначи судии на места за кои претходно веќе имало избрани кандидати. По доаѓањето на власт во 2023 година, владината коалиција на Туск најави реформи со кои требаше да се обнови независноста на правосудството.
Но, претседателот Навроцки, кој ја презеде функцијата во 2025 година, се спротивстави на дел од тие промени и одби да потврди неколку судиски назначувања предложени од парламентарното мнозинство. Во меѓувреме, Свјечковски одбиваше да им овозможи преземање на функциите на судиите избрани од актуелното мнозинство.
Така, спорот за составот и раководењето со Уставниот суд прерасна во отворена конфронтација меѓу претседателот и владата, при што двете страни ја оспоруваат легитимноста на постапките на другата страна.
Новите случувања дополнително ја продлабочуваат политичката поделба во Полска, а засега останува неизвесно како ќе се разреши спорот околу раководењето со една од најважните уставни институции во земјата.