ШЕСТ МИЛИОНИ ЕВРА ЗА КИЧЕВО Николоски најави продолжување на инфраструктурните инвестиции

0

Над шест милиони евра преку различни владини програми се вложуваат во инфраструктурниот развој на Општина Кичево. Ова го истакна вицепремиерот и министер за транспорт Александар Николоски, при денешната работна посета на општината, каде што заедно со градоначалникот Александар Јовановски изврши увид во реконструкцијата на улицата Рудничка.

Станува збор за проект што се реализира преку Министерството за транспорт, во соработка со Општина Кичево, а неговата вкупна вредност изнесува околу 30 милиони денари.






– Денеска сме во посета на Општина Кичево за да видиме како се одвива реализацијата на инфраструктурните проекти. Преку различни програми што ги има Владата, вкупно инвестираме околу 360 милиони денари, или околу шест милиони евра, во инфраструктурниот развој на Општина Кичево. Дел од тие проекти е и улицата Рудничка, на која се наоѓаме во моментов, а работите се одвиваат добро – изјави Николоски.

Градежните активности на втората фаза од проектот започнале на 15 октомври, а предвидениот рок за завршување е шест месеци.

Според Николоски, со реализацијата на оваа фаза ќе биде заокружено булеварското решение, чија прва фаза веќе е завршена со поддршка на Светската банка.

– Ова е втората фаза. Првата веќе е завршена и ја реализиравме заедно со Светската банка. Кога ќе заврши и втората фаза, ќе имаме прекрасно булеварско решение што ќе се протега во овој дел од градот. Продолжуваме со поддршка на Општината, во соработка со градоначалникот, пратеникот и сите останати што ѝ даваат поддршка, со цел реализација на нови проекти. Веќе разговараме и за нови инвестиции. Меѓу најголемите проекти за Кичево се автопатот Охрид – Кичево, каде што имаме одлична динамика, како и автопатот Кичево – Букојчани, чија изградба започна на 11 октомври. Ќе продолжиме да го поддржуваме Кичево – порача Николоски.

Поврзани содржини