ФИЛИПЧЕ РЕШИ ДА СЕ ПРЕСМЕТА И СО БРАНКО ЦРВЕНКОВСКИ Го нарече „мумија” и „балсамиран лик“ и го обвини дека со години терал бизнис со ВМРО
За Платформата Бихаќка тврди дека подготвува нова партија, по примерот на ЗНАМ, а Филипче очигледно е убеден дека зад таа операција стои Црвенковски.
СДСМ под водство на Венко Филипче упати отворен напад врз својот прв претседател Бранко Црвенковски. Во партиско соопштение објавено на 29 октомври, по обвинувањата на негова адреса следуваат квалификациите „мумии“ и „балсамирани ликови“. Станува збор за официјален текст на Бихаќка, со кој раководството се пресметува со критичарите.
„На крај сега од ормарот го вадат Бранко Црвенковски“, пишува во соопштението. Веднаш потоа партијата го обвинува поранешниот лидер дека со години работи бизнис со ВМРО и дека помагал во создавањето на ЗНАМ.
„Човек што со години работи бизнис со ВМРО, човек што помагаше во правењето на ЗНАМ прва верзија. Мицкоски финансираше“, се вели во делот од соопштението посветен на Црвенковски.
Од прв претседател до „коски од ормарот”
„На тоа ли мисли Мицкоски кога вели дека ‘вади коски од минатото’? Доста веќе со коските од ормарот, со тие мумии и балсамирани ликови што направија сè за да ја згаснат СДСМ“, продолжува партиското соопштение.
На удар е човекот што ја предводеше СДСМ од нејзиното основање во 1991 година, а потоа беше и премиер и претседател на државата. Во сопствената официјална историја, партијата ја истакнува улогата на владата на Црвенковски од 1992 година во зачувувањето на стабилноста во првите години од независноста.
Нападот е дел од соопштението насловено „Последни претања на Платформата – ЗНАМ 2.0 – од Левица до Црвенковски“. Со него раководството ги претставува барањата за промени во СДСМ како операција во интерес на Христијан Мицкоски.
Критичарите ставени во ист кош со политичките противници
Во истото коминике се опфатени Платформата, Петре Шилегов, Максим Димитриевски, ЗНАМ, Левица, аналитичари и медиуми. Партијата ги поврзува со деловни интереси, Вучиќ и странски служби, третирајќи ги критиките кон актуелното раководство како дел од заеднички напад.
Барањата за реформи се сведуваат на желба за функции и промена на партиското обележје. За Платформата се тврди дека подготвува нова партија, по примерот на ЗНАМ.
Притоа, во објавениот текст не е наведена конкретна изјава на Црвенковски на која се одговара. Наместо полемика со негов став, Бихаќка објавува обвинувања за неговите наводни деловни и политички врски, проследени со груби лични дисквалификации.