📽️ ЖЕСТОКА ПРЕСМЕТКА ПОМЕЃУ „СИТИ ПАРК БОЈС“ И „ФЕМИЛИ“ Еден повреден и еден приведен пред салата „Јане Сандански“

Помала група припадници на навивачката група „Фемили“, според МВР, запалила пиротехнички средства и физички нападнала навивачи на КК „Работнички“ пред спортската сала „Јане Сандански“.

0

Едно лице е повредено, а друго е приведено по физички напад меѓу навивачи пред спортската сала „Јане Сандански“ во Скопје.

Инцидентот се случил денеска, на 31 октомври, околу 18.55 часот, пред почетокот на спортски натпревар.






Според информациите од Министерството за внатрешни работи, околу 50 навивачи на кошаркарскиот клуб „Работнички“ претходно биле собрани пред спортската сала и чекале да влезат на натпреварот.

Во меѓувреме, повеќе припадници на навивачката група „Фемили“ се движеле од улицата Васко Карангелески кон спортската сала „Јане Сандански“.

Во еден момент, помала група од навивачите на „Фемили“ запалила пиротехнички средства, по што се приближила до навивачите на „Работнички“ и физички ги нападнала.

По нападот, учесниците во инцидентот се оддалечиле во различни правци.

– Едно лице е приведено, а едно лице се здобило со повреди и со возило на Итна медицинска помош е пренесено во ГОБ „Св. Наум Охридски“ за укажување лекарска помош – информираат од МВР.

Засега не се соопштени детали за тежината на повредите, ниту за идентитетот на приведеното лице. Од МВР не соопштија ниту какви понатамошни мерки ќе бидат преземени против учесниците во инцидентот.

Поврзани содржини