📽️ ХАОС НА УЛИЦИТЕ ВО ДВЕ ЕВРОПСКИ ЗЕМЈИ, НЕМИРИТЕ ЕСКАЛИРАА Судири во Париз, Берлин, Хамбург и Келн

Масовни протести во Франција и Германија поради скапотијата и образованието. Полицијата употреби солзавец, бибер-спреј и водени топови.

0

Протестите против високите трошоци за живот и состојбите во образованието во Франција во саботата ескалираа во судири со полицијата во неколку градови. Во Германија, пак, демонстрациите на младинското движење „Gen Z regelt“ беа проследени со инциденти, пиротехника и полициски интервенции.

Во Франција, според Министерството за внатрешни работи, на протестите низ земјата учествувале околу 320.000 луѓе, од кои 70.000 во Париз. Демонстрациите се одржаа трет викенд по ред, а незадоволството првично беше насочено кон недостигот од наставен кадар и опрема во училиштата, како и кон лошите услови во образовните установи. Подоцна им се приклучија и други групи, кои протестираат поради растот на трошоците за живот.

 






По претежно мирниот почеток, тензиите се зголемија во текот на попладнето. Полицијата употреби солзавец во Париз и Лион, а во неколку градови беа регистрирани судири со демонстрантите.

 

Во француската престолнина, според медиумските извештаи и снимките од местото на настанот, биле фрлани запаливи направи кон полициските сили. На снимките што ги објави телевизијата „BFMTV“ се гледаат експлозии од пиротехнички средства и демонстранти кои фрлаат предмети кон интервентната полиција.

 

Судири биле пријавени и во Марсеј, Рен и Тулуз. Во Марсеј на улиците гореле предмети, поради што интервенирале пожарникари, додека во Рен биле фрлани проектили кон полицајците, според локалните власти.

Француското Министерство за внатрешни работи соопшти дека во протестите учествувале 320.000 луѓе, а повеќе од 290 лица биле приведени. За одржување на редот низ земјата биле распоредени околу 70.000 полицајци и припадници на безбедносните сили.

 

Протестите ги организирале синдикати, училишни и студентски организации, како и движењето „Жолти елеци“, кое се појави во Франција во 2018 година.

 

Во Германија, демонстрациите на младинското движење „Gen Z regelt“ се одржаа во повеќе од 30 градови. Организаторите повикаа на мирни протести, барајќи поголеми инвестиции во образованието и здравството, подобри услови за младите, социјална правда и мерки за справување со растечките трошоци за живот.

Движењето се спротивставува и на повторното воведување задолжителна воена служба, како и на проширувањето на државниот надзор.

И покрај повиците за мирни демонстрации, во неколку градови избувнаа инциденти. Најсериозни судири биле пријавени во Берлин, Франкфурт, Хамбург, Келн и Штутгарт.

Во Берлин полицијата интервенирала повеќепати, користејќи бибер-спреј и приведувајќи учесници во немирите. Во Франкфурт бил повреден еден полицаец, откако кон безбедносните сили биле фрлани камења и пиротехнички средства. Полицијата потоа употребила водени топови за да ја растера толпата.

 

Водени топови биле употребени и во Келн, каде што демонстрантите фрлале камења и пиротехнички средства кон полицајците. Во Хамбург биле запалени барикади, а полицијата употребила бибер-спреј против дел од учесниците кои фрлале предмети кон безбедносните сили.

Претставникот на германскиот федерален полициски синдикат, Андреас Роскопф, за весникот „Rheinische Post“ изјавил дека протестите на „Gen Z regelt“ во најголем дел биле мирни, но дека ситуацијата се влошила по нивното официјално завршување, кога во инцидентите се вклучиле и припадници на маргинални групи.

 

Според податоците објавени од германските медиуми, на протестите низ земјата се собрале десетици илјади луѓе. Организаторите претходно соопштија дека повеќе од 160.000 лица се регистрирале за учество во демонстрациите во околу 30 градови.

 

Иницијативата „Gen Z regelt“ најави дека ќе се приклучи на паневропските протести планирани за 20 ноември.

Поврзани содржини