ЗАЕВ ПОДМОЛНО СЕ ОБИДУВА ДА ГО УРНЕ КОВАЧЕВСКИ Ова се деталите од пеколниот план што Зоќе го претставил на состанок на Бихаќка, но добил корпа и од Таче и од Шеќеринска
Плусинфо ексклузивно открива што се случувало на состанокот во седиштето на СДСМ на 21 декември, на кој Зоран Заев и Венко Филипче дошле со намера да се пресметаат со Димитар Ковачевски, а си заминале со течење од ногавици. Следната рунда на овој меч се очекува на првата наредна седница на Централниот одбор на партијата, после празниците.
Во СДСМ во тек е обид за пуч. Поранешниот партиски лидер Зоран Заев со сите сили се обидува да ги поткопа позициите на својот избраник Димитар Ковачевски и за таа мисија бара сојузници на сите страни, дури и во врвот на ВМРО-ДПМНЕ.
Плусинфо ги дозна деталите од пеколниот план на човекот којшто се повлече од кормилото на СДСМ, откако претходно ги изгуби локалните избори по своја вина.
ЗАКАНА Седум Заеви пратеници би можеле да ја кутнат Владата
За несогласувањата меѓу Зoран Заев и Димитар Ковачевски, односно за обидите на Муртинецот да ја задржи контролата врз своите инсталации во партијата и во Владата, се шпекулира подолго време. Митингот на СДСМ во салата „Борис Трајковски“ на 17 декември покажа дека имало основа за таквите шпекулации. Иако поканет, Заев не се појави на овој настан. Се слушнаа и гласини дека тој своето отсуство не го оправдал, туку го искоментирал со дрски забелешки на сметка на својата партија.
Во меѓувреме, од кујните блиски до Заев се проширија шпекулации дека премиерот Ковачевски, во обид да формира двотретинско мнозинство во парламентот потребно за ветените измени на Уставот, наводно испланирал брза реконструкција на Владата и при тоа бил со намера да ги отстрани министрите Оливер Спасовски, Љупчо Николовски и Благој Бочварски. Тројцата се сметаат за луѓе блиски на Заев. По ова во кулоарите е лиферувана закана од Муртинецот дека седум пратеници на СДСМ, коишто тој наводно ги држи под контрола, би можеле да му откажат послушност на Ковачевски и да предизвикаат паѓање на Владата.
Со посредство на заеднички пријател, пред извесно време, во еден град во внатрешноста на земјата, дошло до средба меѓу Ковачевски и Заев. Плусинфо засега нема да открие детали од тој разговор. Но, очигледно е дека актуелниот и поранешниот лидер не успеале да најдат заеднички јазик. Затоа, на 21 декември, во седиштето на СДСМ на Бихаќка, се одржал состанок на најтесното партиско раководство, на кој Заев добил шанса пред своите сопартијци да ги изложи своите ставови за сегашната состојба во партијата и во земјата.
ПЛАН Власта во следните 8 години да ја делат СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ, а Ахмети да го нема!
На состанокот на 21 декември Зоран Заев дошол во придружба на поранешниот министер за здравство Венко Филипче, со кого веќе подолго време се како петок и сабота. На средбата, освен лидерот Димитар Ковачевски, биле присутни генералниот секретар Миле Зечевиќ, Радмила Шеќеринска и повеќе други членови на најтесното раководство на СДСМ.
Симптоматично е тоа што на состанокот не присуствувал Оливер Спасовски. Плусинфо не успеа да ги утврди причините за неговото отсуство.
Присуствувал и претставник на една агенција, којашто неодамна извршила мерење на рејтинзите на партиите. Тој бил замолен да ги образложи резултатите од анкетата. Според очекувањата, резултатите и од оваа анкета се обесхрабрувачки, бидејќи покажуваат приближна иста разлика во рејтинзите меѓу СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ како и во неодамнешната анкета на ИРИ.
Коментирајќи ги резултатите, Зоран Заев рекол дека СДСМ ќе ги изгуби изборите ако не преземе некакви драстични промени и дека во случај на извесната победа, вмровците „ќе ги влечат сдсмовците по улици“. После тој вовед, Заев го изложил својот план за политички пресврт, наводно во седум точки, од кои најважни се следниве три:
- Одржување итни предвремени парламентарни избори, после кои СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ заеднички ќе ја делат власта во наредните осум години. Премиер да биде победникот на изборите.
- Eлиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата. Заев рекол дека на Албанците треба да им се овозможи 25-процентно присуство во Владата, но тоа да не биде ДУИ на Али Ахмети. Во расправата подоцна, Филипче се согласил со можноста и ДУИ да влезе во Владата, но Заев останал на своето.
- Eлиминација на претседателот Стево Пендаровски. Доколку СДСМ го добие премиерскиот мандат, идниот шеф на државата да биде од ВМРО-ДПМНЕ.
Во остатокот од планот Заев зборувал за жестока борба против корупцијата и за итни промени на правосудството. Кажал и тоа дека ваквата политичката разврска би ја ослабило партијата Левица, на што Шеќеринска возвратила дека нејзината проценка е сосема спротивна – дека планот на Заев дополнително ќе ја „бустира“ Левица и ќе го зајакне нејзиното влијание.
РАВЕНКА Се обидува ли Заев да се доближи до Мицкоски?
Планот на Заев е равенка со една непозната. Тој е невозможен без директен договор со раководството на ВМРО-ДПМНЕ на чело со Христијан Мицкоски. Како СДСМ и ВМРО-ДПМНЕ би биле заедно во Владата после изборите, ако претходно не се постигне договор за тоа?
Заев ги уверувал присутните на состанокот на 21 декември дека неговиот план е усогласен со барањата на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и дека го држи опозицискиот лидер Христијан Мицкоски в рака. За да го придобие Мицкоски, Заев наводно би можел да понуди и амнестија за сите осудени за настаните од 27 април во Собранието.
Плусинфо ги провери овие наводи во раководството на ВМРО-ДПМНЕ. Добивме одговор дека немало средба меѓу Христијан Мицкоски и Зоран Заев и разговори за поделба на извршната власт после изборите. Но, симптоматично е тоа што сепак имало обиди на Заев да му пристапи на Мицкоски. Не се прецизира за какви обиди станува збор.
– Нашиот став за потребата од предвремени избори ние веќе го соопштивме. Сметаме дека за доброто на Македонија мора да се одржат предвремени избори оваа пролет. Ние ги кажавме и можните рокови за одржување на изборите. Предуслов за нашиот разговор со СДСМ е да се договориме за предвремени парламентарни избори. Тој наш став нема никаква врска со внатрешните превирања во СДСМ – велат од ВМРО-ДПМНЕ.
ПЕТПАРАЧКИ Планот за елиминација на Ахмети е несериозен, ама опасен
Втората крупна дилема за која се расправало на состанокот на 21 декември е колку е реална и колку е продуктивна идејата за елиминирање на ДУИ и на Али Ахмети од Владата, особено на ваков начин. Не му е ова прв пат на Зоран Заев да најавува елиминација на Ахмети. Сите се сеќаваме на оној негов нелегално снимен разговор со Александар Верушевски од 2016 година, кога Заев вели дека ДУИ не вреди пет пари на пазарот на гласови. Тој сега повторно се враќа на својата некогашна реторика.
Симптоматично е тоа што планот на Заев за елиминација на Ахмети се совпаѓа и со притисокот на групата интегративци наречена „огнена“. Плусинфо засега нема информации за обиди на Заев да контактира со оваа група. Можно е да станува збор и за коинциденција. Но, упатените велат дека и еден таков маневар на Муртинецот не би требало да биде изненадување.
На состанокот на 21 декември Заев бил предупреден за две битни работи во врска со ова прашање:
- Веста за плановите на луѓе од СДСМ брзо ќе стаса до ушите на Али Ахмети. А тој ќе возврати на начин што дополнително ќе ја загрози стабилноста на Владата на Ковачевски. СДСМ во овој момент не може да си дозволи поткопување на коалицијата и на владејачкото мнозинство во парламентот што ја крепи.
- Американците нема да поддржат вакви опасни политички маневри. Ковачевски на Заев директно му кажал дека Владата и сојузниците од САД имаат друга агенда и други приоритети. На ова Муртинецот, на општо изненадување, цинично возвратил дека не треба премногу да им се верува на Американците и на другите странски дипломати.
МАЛО МОРГЕН Синоќа Заев се надевал на втора рунда, седница на Централниот одбор?!
Како и да е, планот на Заев бил отфрлен, а тој и Венко Филипче си заминале од Бихаќка не само со празни раце, туку и видно вознемирени. Присутните со право добиле впечаток дека неуспешниот обид на Заев за преврат во СДСМ уште на состанокот на раководството на 21 декември е само дел од еден поамбициозен план на Муртинецот и на неговата екипа.
Неофицијално дознаваме дека Заев очекувал пред синоќешниот хуманитарен предновогодишен коктел на СДСМ да се одржи седница на Централниот одбор на партијата, на која тој планирал да лобира за својот план пред поширок аудиториум. Но, седницата на Централниот одбор ќе се одржи после новогодишните и божиќните празници. Веројатно затоа Заев не се појавил на коктелот.
Но, дошле министрите Оливер Спасовски и Љупчо Николовски. Упатените велат дека не е исклучено уште синоќа да имало обид на Ковачевски да разговара со Спасовски за консолидација на односите во партијата. Плусинфо нема потврда дека тоа се случило. Но, се шпекулира дека за ова можеби станало збор и на вчерашната средба на Оливер Спасовски со американската амбасадорка Анџела Агелер.
Како и да е, Ковачевски нема така лесно да се консолидира и да ја совлада полутајната фракција на Зоран Заев во СДСМ. Дознаваме дека Муртинецот се подготвува за долготрајна и беспоштедна битка против својот наследник на кормилото на СДСМ, која најверојатно ќе кулминира со обид да го собори најдоцна до следниот конгрес на партијата, или на самиот конгрес. Заевата фондација имала ангажирано и пи-ар агенција за поддршка. Само како куриозитет, се прикажува дека во пи-ар тимот на Заев веќе бил ангажиран и еден познат новинар од екипата „бардови“ на поранешната 1ТВ на Боки Тринаесетка.
ЗАКОН Со Заев договор нема, никој да не си прави бајрам со умот!
Извесно е дека пеколниот план на Заев и превирањата во СДСМ ќе имаат пошироки импликации и на политичката сцена. Ковачевски го отфрли предлогот на ВМРО-ДПМНЕ за предвремени избори и повтори дека избори ќе има во редовниот термин во 2024 година. Но, Демократскиот сојуз на Павле Трајанов синоќа се огласи со проценка дека ќе се одржат предвремени парламентарни избори, после кои ќе се формира широка коалициона влада, чиј премиер ќе го даде партијата што ќе освои најмногу пратеници. Проценката се совпаѓа токму со планот на Заев.
Народниот правобранител Насер Зибери, во интервју за телевизија Алсат, го потсети Зоран Заев за ветувањето за Албанец – премиер, функција со која ДУИ на парламентарните избори настапи кандидирајќи го токму него. Нашиот извор вели дека оваа изјава на Зибери има врска со планот на Заев и дека Ахмети допрва ќе го потсетува поранешниот премиер на сите негови неостварени ветувања. Па ќе се види кој веќе не вреди пет пари…
Сепак, итриот Заев не треба да се потценува. Ковачевски нема да ја добие оваа борба без битка и нема да успее да се договори со својот претходник.
Долг е списокот на луѓето коишто со Заев се „разбрале“ и се „договориле“, па после тој им го удрил ножот в грб. Со Заев договор нема. Секој што не ја научил таа лекција, скапо го платил тоа.
– Заев сега се обидува да се факторизира и да остане во фокусот на вниманието и на ваков начин. Неговата реторика е манипулативна и подмолна. Зошто не ја подели извршната власт со ВМРО-ДПМНЕ кога тој беше премиер? Зошто не го елиминираше Ахмети за време на својот мандат? Зошто не го поддржа претседателскиот кандидат на ВМРО-ДПМНЕ туку го кандидираше Пендаровски? Зошто тогаш не се истакна во борбата против корупцијата, туку и самиот поттикнуваше коруптивно однесување? Планот на Заев е многу прост – колку поголем смут во СДСМ и на политичката сцена, толку за него подобро. И неговите мотиви се јасни. Затоа, ако сака да опстане во политиката, Ковачевски нема друг избор освен да му се спротивстави на својот претходник и да ги совлада неговите инсталации во СДСМ и во Владата – велат изворите на Плусинфо.
Во која насока ќе тргнат работите ќе се знае најверојатно по првата наредна седница на Централниот одбор на СДСМ. Велат дека Заев веќе ги остри канџите.