СДСМ е задолжен за лаги и за спинови, но вистинското прашање е друго – кој е задолжен да ги каже фактите и вистината?

Точно е дека демантирањето на дезинформациите е како собирање пердуви од скината перница. Но, многу лажни вести и наративи можат да се предвидат и да се препознаат пред да бидат лансирани во црните кампањи. За многу нешта треба да се зборува подиректно и поотворено, бидејќи луѓето имаат право да ја знаат вистина. А таа не мора секогаш да ги обува марктвеновските чевли, бидејќи добри спринтерски патики ќе завршат поголема работа.

0

Лагата навистина има кратки нозе. Но, како што своевремено ќе забележи брилијантниот српски афористичар Милован Витезовиќ, кратките нозе сепак не се гледаат зад говорницата. Лагата е многу поубедлива кога се крие зад вистински или зад лажни авторитети.

Освен тоа, „додека вистината да ги обуе чевлите, лагата веќе го пропатувала половина свет“, вели Марк Твен. Во денешново време на експлозивен развој на дигиталните и особено на социјалните медиуми, лагата патува со брзина на светлината.






Третиот елемент на формулата за успешно креирање кампањи на дезинформации и на манипулирање на јавноста е репетитивноста на лагите. Правилото, коешто најчесто му се припишува на шефот на нацистичката пропаганда, Јозеф Гебелс, е чудесно едноставно: „Една лага повторена сто пати, станува вистина“.

Не е сè до пердувите и до перницата

Во последниве две години, по катастрофалниот пораз на парламентарните избори во 2024 година, СДСМ одлучи неодговорно да ги троши остатоците на својот политички кредибилитет како погонско гориво во фабриката за манипулации на Бихаќка, верувајќи дека луѓето нема да ги видат кратките нозе на лагите зад говорницата и дека вистината бавно ќе ги обува, несмасно ќе ги запетлува и внимателно ќе ги гланца чевлите, пред да тргне на пат.

Ако сме искрени, ќе признаеме дека до одреден степен таа формула дава резултати. СДСМ навистина не може вака да застане на нозе, но нема дилеми дека успева да произведе шум во јавниот дискурс, понекогаш и вознемиреност. Неспорно е и тоа дека луѓето одговорни за пласман на фактите и на вистината треба да работат многу поодговорно, поквалитетно и поинтензивно, за да се спротивстават на тие црни кампањи.

Тоа дека демантирањето лаги е како собирање пердуви од скината перница, како што често потсетува премиерот Христијан Мицкоски, е еден аспект на проблемот на ширењето на дезинформациите и на борбата за вистината. Еден е, но не е единствен. Постои и друг аспект. Постои нешто што се нарекува предвидливост на фејк вестите и на малициозните наративи. Постојат начини тие успешно да се пресретнат, со правовремени и точни информации. Но, за тоа се потребни сериозни и брзи анализи, ефикасна прогностика и сето она што би значело брзо обување на чевлите, навреме па и пред време, за вистината да биде побрза од лагата. Зборувам за еден многу посериозен пристап и напорна работа во област која во Македонија е потценета – борбата за вистината.

Зошто вистината за проектот „пола тунел“ остана на половина пат?

Ќе посочам на три примери на лаги, манипулации и спинови со кои се соочивме деновиве, кои можеа да бидат пресретнати со правовремени и точни информации – а не беа.

Прв пример. Откако потпретседателот на ДУИ, Бујар Османи, пред Илинден, ја лансираше приказната дека по вина на владата на ВМРО-ДПМНЕ, Македонија останала без 60,77 милиони евра неповратни средства од Европската Унија за изградба на пругата од Крива Паланка до границата со Бугарија, вицепремиерот Александар Николовски промптно одговори дека станува збор за прекинат тендер за пруга со „половина тунел“, штетен проект наследен од претходната влада на СДСМ и на ДУИ во 2024 година.

И? На тоа ли требаше да заврши приказната? Со преписка меѓу Николовски и Османи? Среде празник, кога медиумите дремат мрзеливо? Секако, не било работа на вицепремиерот да го стисне копчето и да вклучи аларм, но нечија работа тоа и било. Зашто, можело лесно да се предвиди дека спинот на Бујар Османи час поскоро ќе биде лиферуван преку група опозициски медиуми, со цел да се омаловажи она што се случи денес. Македонија денес официјално доби инвестициски грант од 149 милиони евра од Инвестициската рамка за Западен Балкан на ЕУ, за изградба на пругата во Бугарија. Дополнително, да се искомпромитира и да се спречи и она што допрва треба да се случи до крајот на овој месец, на заедничко барање на Софија и на Скопје – да се обезбеди грант од ЕУ за цел тунел, а не за половина, многу повисок од оној што пропаднал поради штетниот проект на владата на СДСМ на ДУИ.

Лагата во овој случај можело и морало да биде препознаена пред таа да тргне да шета и да создава забуни. А не потоа да се гаси „пожар“, со коментирање написи во опозициски медиуми. Уште сега сакам да предупредам дека и понатаму ќе има обиди секој успех на инвестициската кампања во инфраструктурата, секој километар изграден автопат или пруга, да се омаловажи со лаги и со фабрикување скандали и афери.

Што беше толку страшно да се каже по која цена Владата купува „Кожувчанка“ за гостиварци?

Втор пример. „Кожувчанка“. Вода за пиење што Владата бесплатно им ја дели на гостиварци, додека се санира проблемот на загадениот водовод. Фактите за оваа зделка се поважни од темата од која опозицијата сака да произведе скандал – дали водата била купена на тендер или со директна спогодба. Владата тврди дека имало тендер. Бихаќка возвраќа дека се сомнева во тоа, без да го почитува елементарното правило дека обврската на докажување паѓа на тој што обвинува, а не на тој што е наклеветен.

Но, има тука едно големо „но“ … Прашањето дали имало тендер е од второстепено значење, особено што состојбата во Гостивар е кризна. Факт од првостепено значење е податокот дека Владата водата од Митко Јанчев ја купувала по цена од 12,5 денари, додека пазарната цена на истата вода е 25 денари. Ама од Митко Јанчев била… Чија сака нека е, нека понуди некој квалитетна вода за 10 денари, од него нека се купи.

Бихаќка сега се обидува да ја омаловажи поволната зделка, со башановиќевските стилски пи-ар вежби, од типот „граѓаните се отруени“, „граѓаните не пијат нафта“, „Мицкоски и екипата од криминалната организација прават пари на труењето на граѓаните на Гостивар“ итн. Тие лаги не пијат вода, нели, но прават шум. А не морало да биде така, ако некој се сетел веднаш на јавноста да ѝ каже: Луѓе, од Митко Јанчев купуваме „Кожувчанка“ по половина цена и им ја даваме на граѓаните на Гостивар бесплатно.

Што има тука ненормално? Кој би бил против?

Дозираните информации за тајната дипломатија отворија простор за спинови и за манипулации

Трет пример. Дипломатија, односи со Бугарија, деблокирање на евроинтеграцискиот процес, притисок за внесување на Бугарите во Уставот. Познати, чувствителни теми и проблеми.

Пред воопшто да се дозволи ширење пропагандистички спинови дека Владата „подготвува терен за прифаќање на францускиот предлог“ и дека СДСМ имал „информации од Брисел зборуваат дека Владата тоа веќе го договорила“, за што сигнали наводно „пристигнале од Брисел, Берлин и од Париз“ – ова се „откритија“ на Андреј Жерновски, меѓународниот секретар на СДСМ – Владата и Министерството за надворешни работи требаше не срамежливо, туку многу гласно да објават дека се во интензивна комуникација со европските фактори и дека се разговара за можни конкретни решенија за надминување на проблемот со уставните промени.

Што има лошо во тоа? Та нели сме определени за ЕУ? Та нели Венко Филипче од уста не ги вади уставните промени? Та нели од Владата се бара „храброст“ да го деблокира европскиот пат? Та нели сто пати е кажано дека нема отстапување од принципиелните позиции, од одбрана на идентитетот и на јазикот? Забрането ли е да се водат и тајни разговори со Брисел, дури и со Софија? Мора ли нашата дипломатија за сите теми и дилеми да разговара и да преговара на Фејсбук и на Инстаграм и со задолжително брифирање на неколку наши „избрани новинари“, од кампот близок на опозицијата,чија наводна „коректност“ и „благонаклонетост“ се купува со народни пари за нивните прескапи проекти?

Македонската дипломатија дозирано пласираше информации во дел од јавноста дека со Брисел се разговара, но не пред рефлектори. Тоа дозирање и брифирање на погрешни адреси отвори простор критички настроени медиуми и новинари – некои од нив, да повторам, добиваат силна буџетска поддршка за своите проекти – да ловат „ексклузиви“, да креираат спинови и да ја компромитираат тајната дипломатија, чија цел е да се дојде до решение прифатливо од аспект на македонските државни и национални интереси.

Како тоа некој не сфатил дека дозирањето информации само по себе ги подгрева спиновите и чувството на граѓаните дека тајната дипломатија води само кон пораз и кон прифаќање на уцените? И што да прават сега Жерновски, Филипче и компанија, освен да шутираат непланирани пенали од пет метри? И јас би шутирал, да сум на нивно место…

Кој ќе ни каже што се преговара тајно, Жерновски и „ексклузивците“ со парите од МРТВ за своите проекти?

Три примери за три лоши процени. Три лаги и спинови што лесно можеле да се „прочитаат“ уште пред да се родат. Три пропагандистички црни кампањи што можеле да се предвидат и да се пресретнат.

Борбата против дезинформациите и против малицииозните наративи ефикасно се води само на еден начин – не со собирање пердуви, драги мои, туку со правовремено, квалитетно и интензивно информирање на јавноста за фактите и за вистината. Тоа е многу повеќе од интерес на која било влада или на која било партија на власт. Борбата за вистината произлегува од правото на јавноста да знае. Вистината е единствениот делотворен отров против лагите.

Уште еден пример, за мене најболен. Требаше ли сите да забележиме дека дузина дигитални медиуми и голем број страници и профили во социјалните медиуми, во заедничка и координирана акција, шират отворена и груба пробугарска пропаганда во Македонија? Требаше ли македонското разузнавање да почне да собира елементарни податоци за таа акција, за да развиеме свесност со каков проблем се соочуваме? И треба ли таа работа сега да заврши на разузнавачки информации? Размислува ли некој за кампања за деспинување и за ширење на вистината за Македонија?

Или и таа задача ќе им биде доверена на јавниот радиодифузен сервис и на „надворешните“ и „независни“ проекти, за кои се трошат милиони евра буџетски пари? На оние што од уста не ја вадат „Северна“ и постојано пишуваат „С. Македонија“, спротивно на сите лингвистички правила?

Извинете, почитувани читатели, на овој малку повисок тон од оној што вообичаено го негувам. Им се извинувам и на сите што ќе се почувствуваат засегнати. Но, морам искрено да ви кажам – лут сум, бре, а овој пат немам волја да ја скријам својата лутина!

Поврзани содржини