Војни на сеќавањата

Воскликот на пресудата дека осудените „се дел од една славна страница во историјата на Косово“ е апсолутно рамносилен на онаа за смртта на „небесниот генерал“. Тука апсолутно нема никаква дилема! Но што тоа има врска со македонската вистина? Или сеќавање?!

0

Во потрагата по вистината – или „вистината“, ако така повеќе ви се допаѓа – (не само) македонските политиканти туку веќе и целата општествена заедница (нај)често се повикуваат на нечии/некакви сеќавања иако многу добро знаат дека тоа се две дијаметрално различни нешта. Ако вистината треба да биде некаква објективност, сеќавањето е чиста субјективност, што ќе рече – негова спротивност. А сепак, луѓето инсистираат на нивното вештачко поврзување во една не баш благопријатна целина.

Или, ако сакате, ако Аристотел пред 2200 години рекол „Платон ми е пријател, но вистината ми е поголем пријател“, денес таа веќе легендарна мисла (не само) кај нас е превртена во „Вистината ми е пријател, но сеќавањето ми е поголем пријател“. Светот денес (повторно) војува поради „политиките на сеќавањата“ (Н. Кандиќ), нечии и некакви, дури и магловити и непроверени, носи важни одлуки, избира пријатели или непријатели итн. Впрочем, и „специјалната операција“ во Украина не е ништо друго туку судир поради некои дамнешни – но и не така дамнешни! – сеќавања, како што и сегашните „политики“ на оние билмези во еу (малите букви се…) се само некакво далечно ехо од времето на Втората светска војна, на сеќавањата на поразите и грчовитиот напор истите сега да се прикажат како некакви победи. Што повторно и по којзнае кој пат нѐ враќа на зборовите на маршал Жуков: „Ние ја ослободивме Европа од фашизмот, но тие тоа никогаш нема да ни го простат“!






Таканаречената „граѓанска војна“ што го следеше распадот на СФРЈ, деновиве како актуелизирано сеќавање преку една смрт и една пресуда, е само најсвеж пример на релациите помеѓу потенцијалната вистина и „вистината“ на сеќавањето. И нивниот конфликт, се разбира. Во којшто пак ние, поради различни, често непринципиелни побуди, се втурнуваме како некакви второстепени судии. Се држат огнени прес-конференции, се мафта со зборовите „крвник“ и „херој“, одново се суди и осудува врз база на лични „сознанија“ и туѓи сеќавања, цели народи со неколку збора се ставаат на кладата на историјата… И никој не ги прашува: од каде ви е тоа право? Ако едната смрт беше поттик за сеќавање на околу 8.000 невини жртви во Сребреница, дали сега резултатот е изедначен со пресудата за убиство на околу 9.000 цивили во една друга војна? Така ли (ќе) се мерат димензиите на злосторот, според бројот на жртвите? И ако превагнува едната или другата цифра, што тогаш? Колежот ќе продолжи?

Воскликот на пресудата дека осудените „се дел од една славна страница во историјата на Косово“ е апсолутно рамносилен на онаа за смртта на „небесниот генерал“. Тука апсолутно нема никаква дилема! Но што тоа има врска со македонската вистина? Или сеќавање?!

Војната помеѓу вистината и сеќавањата никогаш нема да заврши а победникот е секогаш познат: поразот на вистината е однапред предвидлив, речиси неминовен. Таа, вистината, можеби ќе преживее во некои историски елаборации, но не и во учебниците, медиумите, фолклорот/традицијата…, и особено не во политиката. Која што е всушност само бедно политикантство и манипулација со повредени души и нивните сеќавања. Коишто пак некои шутраци и беспризорни политиканти сакаат да ги квалификуваат како националистички. Не сум сигурен дека тоа е баш така, дури и кај сеќавањата, а особено не кај вистината.

А сето ова го пренесовме и на најтрагичните настани како оној во Кочани, каде војната се разгоре токму врз сеќавањето кој и кога дал дозвола, кој ја потпишал, кој извршил или не извршил инспекција и што (не) констатирал… Ги подбуцнуваа(т) неутешните родители ставајќи ги во центарот на политикантските пресметки. А јавноста – навива!

Можеби затоа и оваа константна војна со сеќавањата, што во крајна линија претставува пресметка и со вистината и наметнувањето едни или други наративи, во конечниот збир поттикнува единствено бес и омрази. Таквите „сеќавања“ не се ништо друго туку мизерно неартикулирано политикантство со мрачни агенди во поттекстот. И директно буричкање во незараснатите рани на вистината!

Затоа и не може да се разбере македонското медиумско но и политичко инволвирање во овие „процеси“, заземањето страна, хушкањето односно отвореното туркање кон омраза меѓу едни и/или други…! Чуму, кому тоа му служи и што треба да се постигне? И ние ли (ќе) се правиме малоумни како онаа „госпожа“ фон дер Лајен и нејзината минорна „gospodinjska pomočnica“ Марта Кос па не знаеме кој беше кој и што беше што не само во крвавите конфликти по распадот на СФРЈ туку и во збиднувањата на Балканот (па и во Сребреница, Косово итн.) во поблиското или подалечното минато? Не можете да се згрозувате или „сеќавате“ само на едни злосторства а другите да ги претставувате како некаква борба за слобода и човекови права! Или, не можете да го гледате само она каде едните викаат „смрт на …“, но да не го видите и другото каде се вулгаризира цел народ. Впрочем, не можете да глумите лудило дека не ги паметите ни не така дамнешните колони трактори со цели фамилии и дел од покуќнината од едната кон другата завојувана страна зашто бројката од 200.000 луѓе не е баш така мала.

А всушност – ние можеме, очигледно, зашто ние – како и обично – можеме сѐ што од нас се бара, ние сме специјален пример кој по барање на „меѓународниот фактор“ (што и да значи таа будалаштина!) се откажавме и од вистината и од сеќавањата за нашата 2001 година! И тоа званично, државнички, во Собранието!

А веќе утре некои малоумници се подготвени да се откажат не само од вистината и сеќавањата туку и од сѐ друго: од идентитетот, од културата, од традицијата, од историјата и името…, од меморијата… бидејќи, велат тие, „исполнување на обврските на државата“ и „единствена ’пресвртна точка’ е конечно спроведување на уставните измени“ (sic!)! Обврски кон кого и преземни од – кого; пресвртна точка – за што? За дефинитивна окупација на вистината но и на сеќавањаата дури и со небулозни паушални „академски“ обиди да се наметне ставот дека „внесот на Бугарите во Уставот“ не може „да го доведе во прашање идентитетот на Македонците“!?

Но, може ли да се доведе во прашање вистината за тие некои сегашни Македонци, но и сеќавањето за нивните претци? Војната на сеќавањата е една од најбеспоштедните војни денес, рамносилна на онаа за физичко уништување на цели народи. И таа е тука, и кај нас, се води можеби и без ние да сакаме. Само што овојпат резултатот зависи (и) од нас!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини