КОРИДОРОТ 8 ЌЕ БИДЕ ВАЖЕН, КОРИДОРОТ 10 УШТЕ ПОВАЖЕН ЗА МАКЕДОНИЈА Дата-центрите за битка со сајбер-напади се дел од заедничката агенда со ЕУ

Мицкоски ја гледа Македонија како крстосница за транспорт, гас, енергија и технологија, со Коридорите 8 и 10 како врска меѓу три мори и Централна Европа. Владата планира и примарен национален дата-центар што треба да ја концентрира одбраната од сајбер-напади.

1

Коридорите 8 и 10, гасоводите, дата-центрите и вештачката интелигенција се делови од една иста стратегија со која Владата сака Македонија да ја претвори во регионална крстосница. Премиерот Христијан Мицкоски во Атлантскиот совет во Вашингтон ја поврза географската положба на земјата со енергетиката, безбедноста и идниот технолошки развој.

Тој рече дека Македонија останува посветена на членството во ЕУ и на стратешкото партнерство со САД, а географската положба ја посочи како една од главните предности на земјата.






– Ние сме природна крстосница на два многу важни европски коридори кои се многу важни за НАТО: Коридорот 10, кој го поврзува Медитеранот од Егејското Море до Централна Европа, и Коридорот 8, кој ги поврзува Јадранското и Јонското Море со Црното Море – рече Мицкоски.

Коридорот 8 и обновата на Украина

Мицкоски посебно ја поврза иднината на Коридорот 8 со периодот по војната во Украина. Според него, со почетокот на обновата значењето на оваа источна транспортна врска дополнително ќе расте.

– Замислете што ќе се случи кога војната во Украина ќе заврши и кога ќе почне реконструкцијата на Украина. Коридорот 8 ќе биде многу, многу важен – рече премиерот.

Но, во економската и енергетската визија што ја образложи, Коридорот 10 добива уште една улога. Владата сака по неговата оска Македонија да стане транзитна земја за гас од југ кон Централна Европа.

Мицкоски рече дека гасниот интерконектор треба да ја поврзе земјата со ЛНГ-терминалот во Александропулис. Според него, проектот има вистинска економска логика само доколку врската продолжи кон север.

– Вистинската намера е Коридорот 10 и вистинската намера е како да се поврзе ЛНГ-терминалот во Александропулис со Централна Европа. Ова е нешто што има смисла, сè друго е фрлање пари за ништо – рече Мицкоски.

Македонија троши околу 0,5 милијарди кубни метри гас годишно, додека гасоводот што се гради, според бројките што ги изнесе премиерот, ќе има капацитет од околу 3 милијарди кубни метри. Со зголемување на притисокот, рече тој, капацитетот би можел да достигне 6 милијарди кубни метри.

Од гасовод до дата-центри

Тука Мицкоски ја поврза инфраструктурата со третата точка од владината стратегија – високата технологија.

Планот е дополнителните количества гас да можат да снабдуваат гасни електрани, произведената струја да напојува дата-центри, а тие да станат дел од пошироката амбиција за развој на вештачката интелигенција.

– Ја темелиме нашата стратегија на три столба: првиот е инфраструктура, вториот е енергетска инфраструктура, а третиот е вештачка интелигенција и висока технологија. И сè е некако меѓусебно поврзано – рече Мицкоски.

Според неговата проекција, до крајот на 2028 година Македонија би можела да стане транзитна земја што ќе го поврзува ЛНГ-терминалот во Александруполис со Централна Европа.

Еден центар за битка со сајбер-нападите

Посебен дел од планот е сајбер-безбедноста. Македонија, според Мицкоски, има резервен центар за обновување податоци, но нема примарен дата-центар што би ги опфатил јавните институции.

Тоа значи дека во сегашната архитектура институциите во голема мера се заштитуваат одделно.

– Нашето бојно поле, кога зборуваме за сајбер-безбедност, е многу големо. Како дел од реформската агенда, заедно со Европската Унија, се обидуваме да развиеме примарен дата-центар кој практично ќе ги вклучи сите јавни институции. Тогаш ќе имаме едно место каде што ќе ја водиме нашата битка со потенцијални сајбер-напади – рече премиерот.

Тој очекува развојот на проектот да почне на почетокот на следната година. Примарниот центар треба да биде поврзан со постојниот резервен центар, а третото ниво на заштита би било во „клауд“.

Мицкоски рече дека проектот е дел од реформската агенда и дека се планира комбинација од грантови и поволен заем, чија отплата би започнала во 2035 година. Владата и претходно јавно ја потврди определбата за изградба на дата-центри и тврдеше дека нема известување од ЕУ за откажување од поддршката за националниот дата-центар.

Целата инфраструктурна визија премиерот ја поврзува и со економскиот раст. Во интервјуто тој го издвои растот на БДП во вториот квартал од 2026 година како показател дека Владата паралелно сака да ги движи економијата, инвестициите и големите инфраструктурни проекти.

Поврзани содржини