МАЛУС ОД ХЕРОЈ СТАНА ТРАГИЧАР ВО ДРАМАТА СО НАНТ Вардар падна со 32:33 во пеколниот финиш во „Јане Сандански“
Вардар се врати од четири гола негатива, во финишот поведе со 29:27 и беше блиску до првите бодови во Лигата на шампионите, но Нант ја преживеа драмата во Скопје.
Јака Малус можеше да биде херој, но на крајот стана трагичар во ракометната драма во „Јане Сандански“.
Вардар 1961 го претрпе вториот пораз во Лигата на шампионите, откако Нант славеше во Скопје со 33:32. Тоа беше првиот домашен натпревар на црвено-црните во елитното натпреварување по четиригодишна пауза.
Вардар тргна одлично и поведе со 3:0, но Французите брзо се вратија. Нант во првото полувреме стигна до четири гола предност, а домаќинот до паузата успеа да ја стопи негативата на 15:16.
Во вториот дел следуваше вистински ракометен ролеркостер. Долго се играше гол за гол, а носен од бучната публика Вардар направи пресврт и стигна до 29:27.
Драмата кулминираше во последните минути
Нант не се предаде. Гостите израмнија на 31:31, а драмата кулминираше во последните минути.
Малус најпрво загуби топка и му отвори контра на Нант, но Васил Гогов го спаси Вардар со одбрана на ударот на Ноам Леополд.
Шансата веднаш се пресели на другата страна. Малус излезе во чиста позиција, но овојпат голманот на Нант Кристофер Бонде ја доби пресметката.
Во последните секунди Нант доби седмерец. Леополд погоди за 33:32, а Вардар доби уште една можност да се спаси.
Повторно топката заврши кај Малус. Словенецот не успеа да го постигне голот што ќе му донесеше бод на Вардар, а Нант ја однесе победата од Скопје. Бонде беше еден од клучните луѓе на Французите во последните моменти.
Петарда го прекина ракометниот спектакл
Драмата во „Јане Сандански“ не беше само на теренот.
Во 15. минута во преполната сала одекна силен звук откако од трибините била фрлена петарда. Судиите накратко го прекинале натпреварот, а обезбедувањето се упатило кон делот од трибините од каде што се претпоставувало дека дошла пиротехниката.
Официјалниот спикер во салата објавил дека поради инцидентот Вардар ќе мора да плати парична казна, по што натпреварот продолжил.
Најефикасен кај Вардар беше Мохамад Абделхак со 10 гола. Малус постигна шест, а Вукашин Воркапиќ и Леон Љевар по пет.
Кај Нант блескаше швајцарскиот репрезентативец Ноам Леополд со 13 погодоци. Францускиот тим со победата во Скопје стигна до вториот триумф во првите две кола од Лигата на шампионите.