ЗДРУЖЕНИЕТО ОМО – ИЛИНДЕН ПИРИН EКСПРЕСНО Ѝ ОДГОВОРИ НА ЈОТОВА „Бугарските судови измислуваат забелешки за да не нè регистрираат!“

Првиот човек на здружението на Македонците во Бугарија ги отфрла тврдењата на бугарската претседателка дека при обидите за регистрација на здружението недостигаат документи. Тој тврди дека организацијата ги исполнува барањата, но судовите секогаш наоѓаат нови забелешки.

92

Здружението на Македонците во Бугарија ОМО „Илинден“ – Пирин жестоко ѝ одговори на бугарската претседателка Илијана Јотова дека постојано доставува некомплетни документи за регистрација. Јотова во Стразбур изрази надеж дека наскоро ќе заврши „сагата ОМО ‘Илинден’“, но од Здружението тврдат дека судовите постојано наоѓаат нови забелешки.

– Тоа е комплетна невистина. Кога поднесуваме документи, ние ги поднесуваме по урнекот на документите на регистрирани организации препорачани од бугарските власти како перфектни – изјави за „Вечер“ коптрестседателот на ОМО „Илинден“- Пирин, Стојко Стојков.






Неговата реакција следува по посетата на Јотова на Стразбур и средбата со генералниот секретар на Советот на Европа Ален Берсе. Меѓу темите било и извршувањето на пресудите во групата предмети ОМО „Илинден“ против Бугарија. Советот на Европа потврди дека токму ова прашање било предмет на разговорите.

Јотова претставила поинаква слика. Таа рекла дека Бугарија ги спровела досегашните препораки и го променила законодавството за да овозможи регистрација, но дека при поднесувањето барања од ОМО „Илинден“ недостигала документација.

– За жал, тие секојпат пропуштаат по некој документ – изјавила Јотова во Стразбур.

Стојков категорично го оспорува тоа објаснување. Според него, кога организацијата ќе постапи според една забелешка, во следната фаза се појавуваат други.

– Кога ќе поднесеме ние документи, наеднаш судот наоѓа десетици проблеми што не ги видел порано. Судовите на секое ниво даваат различни забелешки – вели Стојков.

Тој тврди дека проблемот се повторува и меѓу различни судови во Бугарија.

– Различни судови во различни делови на земјата даваат различни забелешки и ако постапиме по нив, наоѓаат нови – додава Стојков.

На прашањето дали по изјавата на Јотова организацијата конечно може да добие прецизен список на документите што наводно недостигаат, Стојков одговара дека, според него, такви документи воопшто нема.

– Сето го исполнуваме, но тие само си измислуваат. Треба да запрат да го нарушуваат законот и да нè регистрираат – вели Стојков.

Според соопштението од средбата на Јотова со генскот на Советот на Европа, пак, генсекот Берсе оценил дека Бугарија бележи напредок во мерките за гарантирање на правото на здружување и изразил надеж дека надзорот би можел да биде затворен во март 2027 година.

 

Прашањето останува под европски надзор и деновиве: Комитетот на министри од 15 до 17 септември во Стразбур ја одржува редовната седница посветена на извршувањето на пресудите на Европскиот суд за човекови права.

НАСКОРО ЌЕ ЗАВРШИ САГАТА СО ОМО „ИЛИНДЕН“ Јотова по средба во Советот на Европа во Стразбур

 

Поврзани содржини