🎥ПОЖАРОТ НА АМАЛФИ Е СОВЛАДАН, ПОЗИТАНО ГИ БРОИ ШТЕТИТЕ Четири жаришта ја засилуваат истрагата за подметнување
Драматичните снимки што изминатите денови се појавија на социјалните мрежи покажуваат колку блиску огнот се доближил до едно од најпознатите туристички места во Италија.
Најкритичната фаза од пожарите на Амалфитанското крајбрежје во Италија е зад жителите и туристите, а пожарот што го зафати подрачјето околу Позитано е совладан. Пожарникарите продолжуваат со обезбедување и контрола на опожарените подрачја, додека државниот пат SS163 „Амалфитана”, кој беше затворен поради огнот, повторно е отворен за сообраќај. Зад огнената стихија останаа изгорени падини и огромна еколошка штета, но според досегашните официјални информации нема загинати, повредени ниту уништени станбени објекти.
Драматичните снимки што изминатите денови се појавија на социјалните мрежи покажуваат колку блиску огнот се доближил до едно од најпознатите туристички места во Италија. Пламените јазици се гледаа на планинските падини над морето, а чадот покриваше делови од крајбрежјето. Во Позитано најтешко беше во реонот Сан Пјетро и кон Ночеле. За гаснењето на првиот голем пожар таму беа потребни речиси 12 часа, а околу 30 жители од десетина семејства беа привремено оддалечени поради чадот и опасноста од огнот.
Кризата, сепак, не заврши со првиот пожар. Нови огнени фронтови се појавија долж крајбрежјето, меѓу Позитано, Амалфи, Агерола и Вико Еквенсе. Особено тежок беше пожарот кај Тордиљано, наспроти островите Ли Гали, каде што огнот зафати падина долга повеќе од три километри. Силниот ветер го отежнуваше гаснењето, а во операцијата беа вклучени пожарникари, цивилна заштита, десетици доброволци, хеликоптери и канадери.
Сега вниманието се префрла кон причината за катастрофата. „Тоа беше ужасен ден”, изјави градоначалничката на Позитано, Габриела Гвида. Локалните власти отворено се сомневаат дека пожарите биле подметнати, а „Република” објавува дека биле регистрирани четири истовремени точки на палење. И други градоначалници од погоденото подрачје велат дека карактерот и распоредот на пожарите тешко може да се објаснат само со природни причини. Истрагата треба да утврди дали навистина станува збор за намерно предизвикани пожари.
Првата проценка покажува дека најголемата штета е нанесена врз медитеранската вегетација, шумата и локалната фауна. Изгореле и стари дрвја, а фотографиите и видеата направени по повлекувањето на огнот покажуваат поцрнети делови од стрмните падини над морето. Италијанските власти предупредуваат и на следната опасност: откако пожарот ја уништи вегетацијата што ја задржува почвата, при силни дождови може да се зголеми ризикот од ерозија, одрони и свлечишта на и онака геолошки чувствителното крајбрежје.
За Позитано, каде што туристичката сезона сè уште трае, најважната вест е дека непосредната опасност е значително намалена и сообраќајот по клучната крајбрежна сообраќајница е обновен. Но пејзажот над градот ќе ги носи трагите од пожарот долго по заминувањето на пожарникарите. Снимките од огнените падини што се проширија на Инстаграм сега добиваат второ значење – како документ за размерите на пожарот што за само неколку дена зафати повеќе точки долж едно од најпознатите крајбрежја во светот.
View this post on Instagram
View this post on Instagram