На 8 септември сите бевме деца на Македонија, сега веќе самостојна и суверена

Решителноста и единството наспроти големите тензии, кои не престанаа и за време на кампањата за референдумот, вродија со плод - на 8 септември на гласање излегоа 71,85% од вкупниот број граѓани со право на глас. 95,26% од тие што гласаа или 72,16% од вкупниот број регистрирани избирачи се определија „за“ самостојна и суверена Македонија.

1

Накратко

Офицерите на ЈНА и провокаторите не мируваа.






Сите политичари, на чело со Киро Глигоров, се растрчаа во сите градови.

Народот донесе судбоносна одлука за иднината на Македонија.


И така некако, после многу бури и нервози, но и оптимизам, подготовките за референдумот, закажан за 8 септември 1991 година, почнаа уште во првата недела на август. Во владата се формираше комисија на чело со премиерот Никола Кљусев, во која учествуваа и претставници на политичките партии, меѓу кои на почетокот беше и лидерот на ПДП, Невзат Халили. Комисијата извонредно добро се грижеше и ги решаваше проблемите во кампањата за референдумот. Подготвуваше распоред за одржувањето на средбите со граѓаните низ државата. Се грижеше за мирот и стабилноста во републиката, кои се обидуваа да ги загрозат членовите на Лигата на комунисти – Движење за Југославија.

Вооружени офицери на ЈНА провоцираа на митингот во Кичево

Се одржаа многубројни трибини во сите градови, кои помогнаа да се разбере значењето на референдумот и така да се постигне што поголема излезност. Социјалдемократскиот сојуз донесе одлука да се направи распоред за митинзите на неговите истакнати членови. Црвенковски имаше големи обврски во комисијата на владата за организирањето на изборите и затоа одржа два митинга, Димитар Бузлевски пет, Петар Гошев четири…

Јас одржав осум митинзи. Последниот беше во Кичево, каде што можеше да заврши во крв. Имено, во еден момент, додека зборував, во партерот видов како по десната, средната и по левата патека влегуваат официри на ЈНА, облечени во униформи и „препашани“ со пиштоли. Кога се наредија во салата, одеднаш „снема“ струја. Реагираа сите присутни, станувајќи на нозе. За среќа, на балконот спроти бината седел пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Вецко Личовски. Како домашен, знаел каде има прекинувач да се запалат светлата на балконот. Се запалија и присутните се охрабрија, па и со извици ги протераа офицерите од салата.

Силната кампања придонесе за висок одзив на денот на гласањето

Глигоров зборуваше во Охрид, потоа во Трново, во Штип и во други градови. Кога на крајот од август стана јасно дека ПДП-НДП не е подготвена да ги повика своите избирачи за учество на Референдумот, Глигоров ја посети Општина Ростуше, каде зборуваше за овие прашања. Одржа говор и на митингот во Тетово.

Васил Тупурковски, пак, во својство на член на Претседателството на СФРЈ од Македонија, учествуваше на собирите во Прилеп и во Битола.  Кљусев беше на трибините во Штип и Радовиш, а Андов во Кавадарци.

За време на кампањата, посебно послание упати и Архиепископот на МПЦ, г. г. Гаврил.

Потоа, пред самиот почеток на референдумот, на 2 септември, на предлог на СДСМ, во седиштето на партијата се организираше заедничка седница со претставници на 22 парламентарни и вонпарламентарни политичките партии. Во името на ВМРО-ДПМНЕ, дојдоа Доста Димовска и Борис Змејковски. При тоа се потпиша и заеднички проглас, во кој меѓу другото се истакнуваше:

1. Референдумот претставува миг на судбоносна одлука кога се решава сегашноста и иднината, и

2. Референдумот не значи отцепување од Југославија и е во прилог на мирот и мирната разврска на југословенската криза.

Конечно, на 8 септември 1991, според официјалните податоци, од 1.495.807 гласачи, излегле 1.132.981 граѓанин со право на глас, или 71,85% – а од вкупниот број граѓани кои гласале на референдумот, позитивно се изјасниле 1.079.308 граѓани односно 95,26% (72,16% од вкупниот број на граѓани со право на глас).

Во бифето на Собранието ја запеав „Налеј, налеј… и ние имаме право да живејме“

Јас на 8 септември, откако гласав, целиот ден го поминав во Собранието. Некаде после 21 часот, кога слушнавме дека во Државната комисија почнале да пристигнуваат резултатите, се симнав во бифето на Собранието. Таму веќе имаше насобрано педесеттина пратеници. Околу нас трчаа келнерите и не послужуваа со кафе, безалкохолни пијалоци и друго. Тука имаше екипа и од Македонската телевизија, раководена од Ана Пановска. Таа екипа ја регистрираше атмосферата во бифето.

После 22 часот, ние веќе увидовме дека нашиот референдум ќе биде успешен. Од среќа, во еден момент јас се качив на една маса и ја викнав песната „Налеј, налеј, крчмарице, и ние сме деца на Македонија, и ние имаме право да живејме“.

До таа маса беа и Доста Димовска и Ратка Димитрова.

По два дена ми се јавија наши роднини од Австралија. Прерадосни, кажаа дека овие снимки од МРТВ ги виделе и таму. Потоа, некаде околу 22 и 30 минути, се слушна музика пред Собранието. Истрчавме сите и видовме дека на влезот од Собранието се вие македонското оро. Го водеа синот и ќерката на актерот Алексндар Шехтански. Во орото се фати и Ратка Димитрова. Им го зедов знамето, ја префрлив Ратка на чело на орото и ѝ го дадов знамето в раце.

Финале со прослава на плоштадот Македонија

По некое време, по скалите од првиот кат, почнаа да се симнуваат членовите на владата, предводени од претседателот Киро Глигоров. На улицата веќе вриеше од народ. Сите брзаа кон плоштадот, каде по заслуга на министерот Мартин Треневски и претседателот на град Скопје Милан Талевски, беше поставена пристојна бина.

Тргнавме со нив кон плоштадот. Последен од нив одеше еден министер во владата на Кљусев. Јас со него се познавав добро. Тој одеше во последниот ред на владата, беше тажен и загрижен, па ми пријде и почна да ми раскажува за неговите проблеми со синот кој служел војска во Хрватска и не можел да најде начин да си го прибере жив и здрав. Тој веќе знаеше за моите редовни годишни престои во Загреб и ме запраша дали можам некако да му помогнам. Застанавме пред бината, на која веќе беше собрано нашето раководство и тука останавме до крајот на прославата.

Собранието, на својата 23. седница од 17 септември, како втора точка на дневниот ред, со четири гласа против и еден воздржан, ја усвои Декларацијата со која го прогласи Референдумот за успешен и полноважен. Со Декларацијата се потврдуваа референдумските резултати за конституирање на Република Македонија како суверена и самостојна држава.

(Крај на фељтонот)

Поврзани содржини