Конечната одлука за распишување на референдумот ги смири тензиите, повикот на бунт и идеите за формирање национална гарда

После многу бурни расправи во Собранието, референдумот беше распишан на 6 август. Веќе првите августовски анкети на весникот „Вечер“ покажаа дека ќе имаме успешен референдум и дека близу 80% од граѓаните ќе се изјаснат „за“ самостојна и суверена Македонија.

4

Накратко

Амандманот на Тодор Петров го даде финалното референдумско прашање.






ВМРО-ДПМНЕ со прогласи објави „бунт“ и предложи формирање „македонска национална гарда“.

Ова, како што ќе каже Андов, навистина беше настан што се случува еднаш во сто години.


Владата на Република Македонија навистина го извести Собранието „дека е можно одржување на референдум како вид на претходно изјаснување за основните прашања што се однесуваат на сувереноста и самостојноста на Републиката“, но апсолутно не е точно тоа што подоцна го изјави премиерот Никола Кљусев, дека владата го „предефинирала“ прашањето за референдумот. Прашањето уште од 15-ти јули 1991 година остана исто: „Дали сте за тоа самостојна и суверена држава Македонија да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија“.

Како доказ ја приложувам копијата од Предлогот од 26 јули 1991 година за донесување на одлуката за самоопределување на Република Македонија како самостојна и суверена држава и стапување во сојуз на суверени држави на Југославија, преку изјаснување на граѓаните на Македонија по пат на референдум, со молба Предлогот да биде разгледан истиот ден, на 26 јули 1991 година, согласно со член 344 од Деловникот, по итна постапка, доставен до претседателот на Собранието, Стојан Андов, поднесен со своерачни потписи на Бранко Црвенковски и на Зоран Крстевски.

Текстот на Предлогот гласи:

ОДЛУКА

За самоопределување на Република Македонија како самостојна и суверена држава и стапување во Сојуз на суверени држави на Југославија.

1. Со оваа Одлука се остварува правото на македонскиот народ на самоопределување и правото Република Македонија да се конституира како самостојна и суверена држава.

2. Собранието одлучува Република Македонија како самостојна суверена држава да стапи во сојуз на суверени држави на Југославија.

3. Оваа Одлука ќе се применува откако за неа на Референдум ќе се изјасни мнозинството од граѓаните на Републиката.

4. Референдумот за изјаснување за прашањето во Одлуката ќе се одржи на 8 септември 1991 година.

5.На референдумот граѓаните ќе се изјаснат за следното прашање:

– Дали сте за самостојна и суверена Република Македонија, со право да стапи  во сојуз на суверени држави на Југославија?

Во понатамошниот текст на поднесениот Предлог се изнесуваат причините за тоа: во Југославија веќе подолг период е присутен процес на раздружување на некои од републиките, проследен со сериозни потешкотии во функционирањето, па дури и со нефункционирање на одделни сегменти од државата. Во такви околности, узреани се условите и Собранието на Република Македонија, односно граѓаните на Република Македонија да се изјаснат за понатамошниот статус и за иднината на Македонија.

Тодор Петров поднесе значаен амандман, а ВМРО-ДПМНЕ проглас за бунт

Потоа, на 6 август 1991 година, Тодор Петров поднесе амандман со кој тоа се промени во конечната верзија: „Дали сте за тоа самостојна и суверена држава Македонија да стапи во иден сојуз на суверените држави на Југославија“. Амандманот беше прифатен и со тоа прашање се организираше референдумот. Петров е заслужен и за тоа што така корегираното прашање се дистрибуираше до гласачите.

Имено, тој, на денот кога почнаа да се печатат референдумските прашања, отишол во печатницата да провери дали тие се печатат со прашањето дополнето со неговиот амандман. Кога видел дека се печатат со претходното прашање, побарал да се стопира печатењето и заминал во Собранието да побара да даде наредба да се печатат со прашањето усвоено по неговиот амандман. Така се спречи печатаењето на илјадници погрешни гласачки ливчиња.

За сите овие прашања се расправаше на продолженијата на 20. седница од 29, 30 и 31 јули, односно на 4. продлжение од 6 август 1991 година.

Нервоза во предвечерјето на празникот Илинден

Тогаш,  во предвечерјето на празникот Илинден, ВМРО-ДПМНЕ обвини дека се организираат средби на македонски и српски политичари, кои ја одредуваат иднината на Македонија. Во Прогласот упатен до средствата за јавно информирање, ВМРО-ДПМНЕ порача дека овој ден е „почеток на бунт против договорите со кои Македонија е ставена под протекторат на Србија, во остатокот на некогашна Југославија“ и повика на формирање македонска национална гарда.

Во меѓувреме, на 5 август, ВМРО-ДПМНЕ ја повлече Декларацијата и излезе со нов предлог:

1. Да се донесе уставен закон, во кој ќе се предвиди дека се прогласува самостојност на Република Македонија како суверена и независна држава, а одлуката ќе се применува откако ќе се изјаснат граѓаните на референдум, и

2. Да се донесе одлука за распишување на референдум.

На тие седници немаше пратеник кој не уествуваше во расправата – дали да се прифати одлуката за референдумот на СДСМ-ЛДП, или Декларацијата за независност на Република Македонија изготвена од пратеничката група на ВМРО-ДПМНЕ.

Во расправата учествуваа и пратениците од ПДП: Абдурахман Халити, Мухамед Халили, Исмет Рамадани, Ешреф Алију и Ферид Садику.

На 6 август одлуката за распишување референдум конечно се усвои со акламација

На крајот, после сите дискусии, на 6 август со мнозинство на гласови се одлучи РМ да се осамостои по пат на референдум и тоа со акламација, која во последен момнет ја предложи пратеникот на ВМРО-ДПМНЕ, Томислав Стојановски. Сите пратеници станаа и аплаудираа.

После завршувањето на 20. седница на Собранието, Андов изјави: „Ова е настан кој се случува еднаш во сто години“. А Глигоров изјави дека „одлуката за референдумот, како и резултатот од референдумот, ќе бидат почитувани и во земјата и во странство“ и дека „тоа ќе ја смири нервозата во Македонија, што е резултат на општите настани во Југославија“. Глигоров додаде дека „референдумот е значаен за статусот на Македонија“ и нагласи дека „целиот народ ќе ја изрази својата поддршка за политиката што ја водеше Македонија досега“.

Анкетите на новинарките Марина Костова и Валентина Велевска навестија дека народот масовно ќе гласа „за“

За мене, после се што направивме за референдумот, најголемото признание дојде веќе на 10 август 1991 година, кога весникот „Вечер“ ги објави првите резултатите од анкетата за испитувањето на јавното мислење на граѓаните на Македонија. Непосредно откако беше објавено референдумското прашање ( „Дали сте за самостојна и независна држава Македонија со право да стапи во иден сојуз на суверени држави на Југославија?“), со „да“ одговориле 78,5 отсто од испитаниците.

Анкетата ја направија младите новинарки Марина Костова и Валентина Велевска. Јас предавав и Статистика и веројатност, знаев дека дипломираа во Словенија и се гордеев со нивните анкети. Нивната нова анкета од 31 август 1991, една недела пред референдумот, покажа дека со „да“ одговориле 80,5 отсто од испитаниците.

Потоа слични анкети организираа и весниците „Нова Македонија“ и „Пулс“. И тие резултати покажуваа дека ќе имаме успешен референдум. Но, претстоеше уште многу работа до конечниот успех.

(Во следното продолжение: На 8 септември сите бевме деца на Македонија, сега веќе самостојна и суверена)

 

Поврзани содржини