Кога талогот зоврива…
Ако постоеја заробени институции во оваа де факто заробена држава, тие беа заробени токму од нив и нивните пајташи – (речиси) сите до еден умислени „авангардисти“ кои само во нивните забегани сништа создаваа некакви кураторски простори и вредности, де факто токму евтини манифестации на манипулативната моќ на политиката и културата како нејзин подопашен дел.
„Честитката“ на Претседателката содржана во реченицата „каква држава ќе создадеме, таква ќе имаме“ ќе нѐ следи уште долго, долго…, можеби навистина уште цели три децении. Иако тоа и не е честитка – затоа впрочем ја ставив во наводници – туку повеќе предупредување. Коешто, можеби, доаѓа (пре)доцна. Дај боже да грешам.
Зашто ние веќе создадовме некаква држава, или „држава“ (како сакате), па можеби затоа и ја – немаме? Ја имаат, додуша, некои кич-луѓе, некои преваранти, профитери, најчесто молчаливци а најгласни кога ќе им наредат…, оној талог што постојано врие. Се огласуваат и сега, ‘ржат, којзнае кој ветер сега ги зоврира.
Тоа се, главно, припадниците на стројот на онаа самопрогласена провинциска „елита“ – политичка, културна, академска, уметничка… – која и понатаму мисли дека некој ја слуша. Особено онаа културна и уметничка македонска „авангарда“ која де факто е само бесмислен грст заталкана збирштина бескичмени умисленици, кочоперни „џезери“ кои не разбираат ни „а“ од авангарда, подмитливи плашливци и идеолошки вејки подготвени да ќарат од сѐ и сешто.
Со други зборови: кич-луѓе кои сега се обидуваат да наметнуваат некои веќе ветви теми во кои токму тие и нивната молчалива кооперативност биле центарот, сега се осилиле да кажат збор-два за нешто што инаку и не го разбираат… Нешто се узјогуниле, изгледа по наредба или сериозно им ги намокриле крилјата, им ги поткастриле вечно отворените профитерски хоризонти?
Или сега се разбудиле од долгиот себичен сон па се судруваат со некаква „ерозија на естетски цензус“ (што и да значи таа глупост)? Сега, одеднаш, се сетија дека македонските уметнички институции треба да глумат некакви столбови на културниот идентитет и да изигруваат добермани на некаков естетски вредносен систем. Кој, чиј, каков…, оној нивен довчерашен вредносен панаѓур во којшто тие се шепуреа како петлиња и кокошки, а грото од „јајцата“ беа – сматок? Некој им чепна во територијата обележена со нивните рачиња – да не кажам полош збор – и каде што никој однадвор немаше пристап?
Ако постоеја заробени институции во оваа де факто заробена држава, тие беа заробени токму од нив и нивните пајташи – (речиси) сите до еден умислени „авангардисти“ кои само во нивните забегани сништа создаваа некакви кураторски простори и вредности, де факто токму евтини манифестации на манипулативната моќ на политиката и културата како нејзин подопашен дел. И сѐ им беше дозволено ако нивните „цензори“ тоа го прогласат за национален дострел, дури за вредност. Зашто, што се всушност институциите? Зарем објектите ќе ни бидат „столбови“ а не луѓето во нив?
Оттука, зарем проблемот не е во тој молчалив кооперативен талог кој ракоплеска на „политиките“ на кич-политикантите? И зарем не било така отсекогаш, барем кај нас? И сега тие зовреа, кренаа глава да попуваат некому?
Дури сега ли им се отворија очите и за она „Скопје 2014“, за коешто молчеа како безгласни „авангардистички“ буквички во некое свирипичино? Цели 14 години не смееја да го спомнат ни името на градот во којшто живеат за некој да не помисли дека говорат баш за „Скопје 2014“. Ама сега некако прогледаа, којзнае како и зошто? Сега, одеднаш, се појави кичот во Македонија, ја зароби македонската уметничка сцена, го девалвира сиот авангардистички панаѓур на суети на нивните пријателчиња „авангардисти“, со години закачен на вратот на македонската култура. Или така брзо го заборавија времето на нивното срамно подлизурништво кон секакви претходни партиски диригирани директорчиња од форматот на некакви маји, халиди, дити, петровци, елизи…, од секакви полуписмени членови на вукојебински комисии кои им доделуваа без проекти (дома и во странство), ги праќаа по бел свет да продаваат „онакво“ за бубрези… итн., итн.?
Или, зборна ли нешто некој од овие „авангардист(к)и“ кога нивниот „систем“ инсталираше онакви „министри“ за култура како Адеми и Исмаили, Стефоска и Бисера…? Или кога спомен-куќата на Личеноски се „правеше“ речиси петнаесет години, или праша ли некој како воопшто може да постои Музеј на современа уметност без постојана поставка? Или кога се пишуваа епови за сосема просечни талог-уметници, или кога на ретроспективи на значајни македонски уметници од диптих се изложуваше само еден дел… итн.?
Како баш ниту еден тогаш не се осмели јавно да го постави прашањето на одговорност, на девалвација на уметничките и други вредности, за бранот на популизам и комерцијализација? Или сакаат да кажат дека сѐ што гледавме – но и гледаме, секако, повторно во нивна „режија“ – во македонските уметнички институции беше/е врвна вредност? Дека нивните „проекти“ во изминативе години – особено на, на пример, Биеналето во Венеција – беа некакви ремек дела а не резултат на нивните „дај-дам“ талог-политики, на блефот и чистата деструкција, на бедните пајташки ракувања, легнувања и „пазарни“ размени?
Па зарем толку глупава ја сметаат македонската културна јавност?
И зарем дури сега, одеднаш, а не и пред неколку години (во „ерата“ на нивнион врвен „стручњак“ Заев) се сетија на деструктивната „моќ“ на тоа „Скопје 2014“, но заборавија колку од нивните „авангардни“ пајташи – и тогаш и сега нарекувани „водечки стручни автори“ (sic) – сесрдно соработуваа и заработуваа на тој „проект“? И потоа ги примаа на „нивниот“ факултет. А што им ветуваше лидеро-тезгарош? Па зошто молчеа толку години? Беа слепи, па сега – прогледаа?!
И зарем во фамозната Национална галерија дури сега се појави кичот, а одговорноста е ставена на тест пред бранот на комерцијализација и популизам? Па можно ли е оваа македонска „авангарда“ да била така и толку слепа – да не кажам потежок збор – или тука нешто друго смрди? И до кога ќе си играте со тие и такви смрдеи што ги ширите низ целата македонска култура? Сакате да говориме за смрдеи? Со задоволство, но потоа – нема назад. И нема пардон! Кога валканите алишта ќе излезат во јавноста, толку е, да нема после плачки. За која и каква подобра Национална галерија говорат слепиве „авангардисти“ од ова што е сега? За онаа со Дита, со Маја, со Халиде…? И тие ли беа – авангардистки? Па малку срам бре, шутраци!
И кој и кога од тие „авангардист(к)и“ во изминативе 12 години кажа збор за кичот и популизмот, за „Скопје 2014“ и за целата оваа комплетна девалвација – но и девастација! – на македонската култура токму од страна на „идеолошки“ партизираните македонски „врвни“ уметници, куратори и остала „гамад“? Или вредност е она што сега го прави еден „професор“ на ФЛУ глумејќи „куратор“? Па знаете ли што воопшто значи тој збор, слепци едни?! И кој од таа сурија „авангардисти“ последниве години направил што и да е значајно за македонската култура како оправдување за парите што ги земаат? Или самото нивно присаство овде е поен за нас?
Па вие нормални ли сте, бре?!
Не знам до кога оваа „држава“ ќе трпи вакви кич-луѓе кои упорно ја водат по кич провинциски патеки. Уште три децении? Нели е многу, претерано многу? И до кога другиот ќе биде единствено виновен? Уште нови триесет и пет години?
Извор: Теодосиевски уметност