УНИВЕРЗАЛНА САЛА СЕ ПОДГОТВУВА ЗА НОВ ЖИВОТ ВО 2028 ГОДИНА Ѓорѓиевски и Сулејмани направија увид во работите
Градоначалникот вели дека целта е на Универзалната сала да ѝ се вратат сјајот и значењето, а обновените културни простори се дел од подготовките за „Скопје 2028“.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски ги провери градежните активности на Универзалната сала со министерот за култура и туризам Седат Сулејмани. Во пресрет на „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“ салата треба повторно да ги отвори вратите за уметниците и за публиката, а по реконструкцијата да му биде предадена на управување на Градот.
„Пред нас е голема можност и уште поголема одговорност – „Скопје 2028 – Европска престолнина на културата“, напиша градоначалникот.
Според Ѓорѓиевски, ова признание треба да остави трајна вредност за градот, како обновени културни простори, поголема поддршка за творештвото и култура достапна за секој граѓанин.
„Токму затоа, посебно внимание посветивме на подготовките за 2028 година, мапирањето на локациите и културните капацитети, унапредувањето на туристичките потенцијали и поефикасното поврзување на градските и националните установи од областа на културата“, вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот потстеува дека салата е дел од душата на Скопје, симбол на солидарноста во кој растеле таленти, одекнувале аплаузи и се испишувале едни од најубавите страници на скопската културна приказна.