ТРАМП СО СВОИТЕ ИЗЈАВИ ГИ РАСЧЕПКА ИРСКИТЕ РАНИ Еве зошто се жестоки реакциите на неговата желба за обединета Ирска
Островот е поделен од 1921 година, кога шест северни окрузи останаа во составот на Обединетото Кралство, додека остатокот стана независна Република Ирска. Од крајот на 1960-тите до 1998 година, конфликтот познат како „Неволјите“ однесе повеќе од 3.500 животи. Мировниот процес заврши со потпишувањето на Белфастскиот договор на 10 април 1998 година.
Американскиот претседател Доналд Трамп со само неколку реченици повторно го отвори едно од најчувствителните прашања на Британските Острови – иднината на Северна Ирска. За време на посетата на Даблин, Трамп изјави дека „би сакал“ да види обединета Ирска и оцени дека тоа „на крајот ќе се случи“, што веднаш предизвика остри реакции кај пробританските унионистички партии во Северна Ирска.
– Не сакам да предизвикувам проблеми, но би сакал да ја видам обединета. Тоа на крајот ќе се случи. Може да се случи и сега. Мислам дека би било фантастична работа – рече Трамп по средбата со ирскиот премиер Михол Мартин.
Подоцна, на приемот во резиденцијата на американскиот амбасадор, Трамп повторно се осврна на темата.
– Секогаш ме прашуваат што мислам за обединувањето на Северна Ирска и Ирска. Всушност, реков дека според мене тоа би било многу кул. Искрено, мислам дека би било кул – рече американскиот претседател.
„За иднината одлучуваат граѓаните“
Лидерот на Демократската унионистичка партија (ДУП), Гевин Робинсон, кој во минатото беше близок со Трамп, порача дека американскиот претседател треба да знае дека за ваквите прашања „изборите се важни“.
– Уставната иднина на Северна Ирска ќе ја одредат граѓаните на Северна Ирска, а не коментарите од Лондон, Даблин или Вашингтон – порача Робинсон.
Тој додаде дека Северна Ирска е дел од Обединетото Кралство поради демократската волја на нејзините жители и оти унионистите не се заинтересирани за „уништување на нашата земја преку обединување со Република Ирска“.
Уште поостар беше лидерот на Традиционалниот унионистички глас (ТУВ), Џим Алистер.

– Трамп не е првиот американски претседател што се меша во работи што не го засегаат. Северна Ирска не е пион во конфликтот на Трамп со Обединетото Кралство и нејзината уставна иднина не зависи од него или од кој било друг странски државник – изјави Алистер.
Лидерот на Улстерската унионистичка партија (УУП), Џон Бароус, оцени дека Трамп има право на сопствено мислење, но дека единствено релевантна е волјата на граѓаните на Северна Ирска.
– Кога сè ќе се каже и направи, иднината ќе ја одлучат граѓаните. Уверен сум дека Северна Ирска е попросперитетна и посигурна во рамките на Обединетото Кралство и дека таму ќе остане – рече Бароус.
Лондон: Нема промена на ставот
Од Лондон, пак, порачаа дека изјавата на Трамп нема да ја промени позицијата на британската влада.
Портпаролот на кабинетот на премиерот Анди Барнам соопшти дека останува во сила ставот што премиерот го изнесе оваа недела – дека во моментов нема доволна јавна поддршка за нов референдум за уставниот статус на Северна Ирска.
– Не ми е познато дека постои мнозинска јавна поддршка за нов референдум и додека тоа не се промени, нема да има изјаснување – рече Барнам во британскиот парламент.
Прашањето, сепак, не може едноставно да биде прогласено за затворено. Според Белфастскиот, односно Договорот од Велики петок од 1998 година, британскиот државен секретар за Северна Ирска е должен да распише референдум доколку процени дека постои веројатност мнозинството гласачи да се изјаснат за обединување со Република Ирска.
Иронија и политички препукувања
Изјавата на Трамп предизвика и необична политичка препирка во Северна Ирска. Поранешниот лидер на Социјалдемократската и лабуристичка партија, Колум Иствуд, инаку жесток критичар на американскиот претседател, ја сподели снимката од неговата изјава со краток коментар: „Отсекогаш ми се допаѓал“.
Членот на УУП, Роби Батлер, веднаш му одговори, обвинувајќи ги противниците на Трамп за политичко лицемерие.
– Со години ни велат дека овој претседател е неприфатлив – неговиот карактер, неговото однесување, неговиот став кон Газа. Една реченица за обединета Ирска и тој очигледно станува државник со ретка визија. Изгледа дека неговата проценка е исправна само за една тема, онаа што случајно им одговара – порача Батлер.Темата е особено чувствителна и поради тоа што унионистичките партии во Северна Ирска досега одржуваа релативно добри односи со Трамп, додека републиканскиот Шин Фејн во последните две години го бојкотираше традиционалното патување во Вашингтон за Денот на Свети Патрик, главно поради политиката на американската администрација на Блискиот Исток.
Илјадници на протест во Даблин
Истовремено со политичките реакции, посетата на Трамп на Ирска беше проследена со протести. Голем број демонстранти маршираа низ центарот на Даблин, носејќи ирски и палестински знамиња и транспаренти со остри пораки против американскиот претседател.
Од Градината на сеќавањето, демонстрантите извикуваа: „Доналде Трамп, слушаш ли? Не те сакаме овде“.

EPA/NEIL HALL
На транспарентите пишуваше и „Не на тираните, не на диктаторите, не на Трамп“, како и пораки против американската политика кон Израел и војната во Газа.
Трамп, сепак, за време на средбата со Михол Мартин го минимизираше значењето на протестите.
– Не видов никакви протести – рече тој пред новинарите.
Три децении крвопролевање
Прашањето за обединувањето на Ирска не е обична политичка тема. Островот е поделен од 1921 година, кога шест северни окрузи останаа во составот на Обединетото Кралство, додека остатокот од островот се разви како независна Ирска.
Поделбата со децении создаваше длабоки политички, верски и идентитетски поделби. Унионистите, главно протестанти, сакаат Северна Ирска да остане во составот на Обединетото Кралство, додека ирските националисти, главно католици, се залагаат за обединета Ирска.
Од крајот на 1960-тите до 1998 година, конфликтот познат како „Неволјите“ однесе повеќе од 3.500 животи.
Мировниот процес заврши со потпишувањето на Белфастскиот договор на 10 април 1998 година. Договорот воспостави механизми за поделба на власта и, што е најважно, го утврди принципот на согласност – Северна Ирска ќе остане во Обединетото Кралство сè додека мнозинството не одлучи поинаку.

Белфастскиот договор, познат и како Договорот од Велики петок (Good Friday Agreement), беше потпишан на 10 април 1998 година од британскиот премиер Тони Блер, ирскиот премиер Берти Ахерн, лидерот на Улстерската унионистичка партија Дејвид Тримбл, лидерот на Социјалдемократската и лабуристичка партија Џон Хјум и лидерот на Шин Фејн Гери Адамс, заедно со претставници на други политички партии во Северна Ирска.