ЛИЧНА КАРТА И ВОЗАЧКА ВО ВАШИОТ ТЕЛЕФОН? Еве што уште ќе донесе новата апликација м.Услуги

Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место – рече министерот Андоновски.

2

Мобилната апликација м.Услуги е подготвена и е во фаза на тестирање. Нема да биде задолжителна за граѓаните и ќе можат и понатаму да ги користат постојните физички документи.

Апликацијата ќе ги содржи личните документи на граѓаните во електронска форма, меѓу кои личната карта и возачката дозвола, а во почетната фаза преку неа ќе бидат достапни и неколку електронски услуги од јавната администрација – најави министерот за дигитална трансформација Стефан Андоновски.






– Ветив дека во втората половина од мандатот ќе успееме да подготвиме мобилна апликација. Сега конечно можам да кажам дека таа е подготвена и во моментов ја тестираме. Во октомври ќе организираме голем настан на кој ќе ја промовираме пред граѓаните, истакна Андоновски во емисијата „Меѓу редови“ на Алфа ТВ.

Тој објасни дека м.Услуги е замислена како единствено место преку кое граѓаните ќе можат да пристапуваат до своите документи и до услугите на државата.

– Ја замислуваме како апликација што ќе ви биде потребна за сè што сакате да завршите, а е поврзано со државата. Во моментов постојат повеќе различни апликации и системи, а нашата цел е услугите за граѓаните да ги обединиме на едно место. За почеток, во апликацијата ќе бидат достапни електронската возачка дозвола и електронската лична карта, како и неколку електронски услуги од јавната администрација, посочи Андоновски.

Апликацијата е изработена во рамки на проект вреден 1,5 милиони евра, обезбеден во соработка со надлежните институции од Полска и Украина и со Европската Унија.

– Државата не ја плати изработката на апликацијата. Станува збор за голем проект што го донесовме во 2024 година во соработка со полското и украинското министерство и со Европската Унија. Апликацијата е изработена од македонски инженери, таа е македонски производ и останува во сопственост на државата – рече Андоновски.

Тој најави дека првата верзија на м.Услуги континуирано ќе се надградува со нови содржини и функционалности, со крајна цел апликацијата да прерасне во европски дигитален паричник.

– Ова е првата верзија и очекувано е да има простор за подобрување. Но, ние веќе размислуваме за втора верзија, која ќе содржи повеќе функционалности и постепено ќе прерасне во вистински дигитален паричник. Крајната цел, утврдена и во Реформската агенда, е до 2028 година тој да стане европски дигитален паричник. Со тоа, Македонија ќе биде меѓу првите петнаесетина европски држави со ваков тип современа апликација, заклучи Андоновски.

Министерот рече дека се уште има институции кои не ги прифаќаат електронските документи на граѓаните, иако тоа е нивна законска обврска.

– За правните лица, односно институциите што нема да го почитуваат законот, ќе следуваат предвидените казни. Во наредниот период тоа ќе биде предмет на надзор од страна на надлежниот инспекторат. Оставивме доволно време и простор за приспособување, но сега мора да го почитуваме законот и да бидеме во чекор со светот – нагласи Андоновски.

Поврзани содржини