БУГАРСКА ПОЛИТИЧКА ПРОПАГАНДА ВО ХУМАНИТАРНА ОБЛАНДА Македонците од Пустец загрозени од агресивната бугарска кампања во Албанија
Зошто за медицински прегледи во Пустец на Бугарите им е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија – прашуваат претставници на Македонската алијанса за европска интеграција.
Македонската алијанса за европска интеграција (МАЕИ) најостро ги осудува најновите активности на бугарските власти во Пустец, со кои под превезот на медицинска помош повторно се спроведува политичка пропаганда и негирање на македонскиот идентитет.
„На 11 и 12 септември, Бугарија испрати медицинска екипа од Софија во Пустец со воен транспортен авион. Во операцијата се вклучени бугарските министерства за надворешни работи, здравство и одбрана, а заедно со медицинските екипи пристигнаа и бугарски пратеници од различни политички партии.
Токму нивните изјави ја откриваат вистинската политичка димензија на оваа посета. Бугарските пратеници јавно порачаа дека кога станува збор за, како што ги нарекуваат, „Бугарите“ во Албанија, бугарските политички партии се обединети.
Зошто за медицински прегледи во Пустец е потребен воен транспортен авион, бугарски пратеници и државна делегација од Софија?
Ова повеќе не личи на обична медицинска хуманитарна активност. Пустец личи на воена зона, со засилено полициско присуство, бугарски емисари кои демонстративно се движат низ општината и се однесуваат како освојувачи на Пустец и со бугарски знамиња поставени во просториите на медицинскиот центар. Но, Пустец не е Бугарија. Пустец е во Република Албанија, а неговите жители се Македонци.
МАЕИ особено го осудува однесувањето на бугарските претставници кои во јавноста отворено ги негираат Македонците во Пустец и ги прогласуваат за Бугари. Ниту една медицинска услуга не може да биде оправдување за негирање на идентитетот на македонската заедница. Здравјето на луѓето не смее да биде инструмент за асимилација и политичка пропаганда.
Медицинскиот персонал во Пустец првично не сакал да ги прими бугарските претставници, но под притисок од Регионалниот медицински центар во Корча бил принуден да им ги отстапи просториите.
Срамно е и однесувањето на Општина Пустец, која обезбедува логистичка поддршка на претставници на држава чии институции јавно тврдат дека Македонците во Пустец се Бугари. Наместо да застане во заштита на своите граѓани и нивниот идентитет, локалната власт ги пречекува бугарските претставници со девојчиња во народни носии, леб и сол.
Општина Пустец е во Република Албанија.
За секоја потреба на своите жители – од инвестиции и инфраструктура, до здравствени и социјални услуги – локалната власт треба првенствено да се обраќа до Владата на Република Албанија. Ние сме лојални граѓани на Албанија, ги почитуваме нејзините закони и плаќаме даноци во оваа држава. Затоа не прифаќаме Пустец да биде претворен во полигон за реализирање на туѓи национални политики.
Пустец не смее да биде сцена на бугарска пропаганда. Македонците во Пустец не смеат да бидат статисти во туѓа национална политика.
За жал, Македонците во Албанија денес се оставени сами. Недостасува јасна и одлучна реакција од албанските институции, кои дозволуваат ваквите активности да се одвиваат на територијата на Република Албанија.
МАЕИ ја повикува Владата на Република Албанија да не дозволува територијата на државата и нејзините институции да бидат инструментализирани за негирање на идентитетот на македонската заедница.
Истовремено, ја повикуваме Владата на Република Македонија конечно да ја сфати сериозноста на ситуацијата.
Додека Бугарија има јасна државна политика и целосен политички консензус за асимилација на Македонците во Албанија, Македонија нема ниту стратегија, ниту сериозна државна политика за заштита на македонската заедница во Албанија“ – се вели во соопштението на МАЕИ.