ПЕТ ЗЕМЈИ СТИСНАА СОПИРАЧКА ЗА ПРЕГОВОРИТЕ НА ЦРНА ГОРА СО ЕУ Холандија, Хрватска и балтичките земји бараат дополнителна анализа

Црна Гора влезе во завршната фаза од преговорите со ЕУ со амбиција до крајот на годинава да ги затвори сите преостанати поглавја, а договорот за пристапување да се финализира во првата половина на 2027 година. Но, со најновиот развој, неизвесно е дали таа амбиција ќе се реализира.

0

 

Пристапниот процес на Црна Гора кон Европската Унија се соочува со нови неизвесности, откако 5 земји-членки побараа дополнителна анализа пред продолжувањето со следните чекори.






Холандија побарала пауза во процесот со образложение дека е потребно дополнително да се провери исполнувањето на поставените стандарди, а на барањето е придружиле Хрватска, Естонија, Литванија и Латвија, пишува црногорскиот медиум Дан.

Дипломатски извори за весникот наведуваат дека во овој момент не е јасно кога би можело да продолжи затворањето на преговарачките поглавја и кога би била одржана следната Меѓувладина конференција.

Поради актуелната ситуација, овој месец најверојатно нема да има затворање на нови поглавја на маргините на Советот на ЕУ, иако такво сценарио претходно се очекуваше.

Црна Гора досега има затворено 18 од вкупно 33 преговарачки поглавја. Последната Меѓувладина конференција на која беа затворени поглавја се одржа во јули.

Хрватска во моментов има резерви кон затворањето на поглавјето 14, кое се однесува на транспортната политика. Дополнително, одредено време е блокирано и поглавјето 31, поврзано со надворешната, безбедносната и одбранбената политика.

Пред Европската комисија во моментов се наоѓаат 9 преговарачки позиции, додека црногорската министерка за европски прашања Маида Горчевиќ најави дека до крајот на годината треба да бидат испратени и позициите за преостанатите пет поглавја.

Според Дан, најоптимистичкото сценарио во моментов е следната Меѓувладина конференција да се одржи во средината на октомври во Луксембург.

Црна Гора влезе во завршната фаза од преговорите со ЕУ со амбиција до крајот на годинава да ги затвори сите преостанати поглавја, а договорот за пристапување да се финализира во првата половина на 2027 година. Но, со најновиот развој, неизвесно е дали таа амбиција ќе се реализира.

Официјално, Советот на ЕУ сè уште не ги именувал земјите што имаат резерви.

Според дипломатски извори, Холандија бара дополнителна анализа на исполнувањето на условите, особено во владеењето на правото и во судството.

Хрватска, пак, подолго време го поврзува напредокот на Црна Гора со решавањето на повеќе билатерални прашања – морската граница, школскиот брод „Јадран“, обештетувањето на поранешните затвореници од логорите, потрагата по исчезнати лица, процесирањето воени злосторства, имотните прашања и спомен-плочата во Морињ. Хрватскиот премиер Андреј Пленковиќ во јуни јавно рече дека решавањето на овие прашања е неопходно за завршување на преговорите со Црна Гора.

Затворањето поглавја не зависи само од тоа дали Европската комисија смета дека кандидатот ги исполнил техничките критериуми. За секој чекор е потребна согласност од сите земји членки, што значи дека и билатералните спорови, историските прашања и политичките сигнали можат да станат дел од процесот.

Поврзани содржини