ЗДРАВСТВОТО СЕ СООЧУВА СО СЕРИОЗЕН НЕДОСТИГ НА КАДАР Министерот откри каде најмногу недостигаат лекари

Министерот за здравство Сашо Клековски најави нови вработувања, проширување на Позитивната листа и подобрување на условите во Клиничкиот центар, но предупреди дека недостигот од анестезиолози и радиолози не може брзо да се надмине.

0

Недостигот на анестезиолози и радиолози останува еден од најголемите проблеми во македонското здравство и не може да се реши преку ноќ, бидејќи специјализациите траат шест години, изјави министерот за здравство Сашо Клековски во емисијата „Вести плус“ на телевизија „Канал 5“.

Клековски оцени дека моделот со приватните специјализации, воведен во 2017 и 2018 година, не ги дал очекуваните резултати.






– Морам да кажам дека експериментот со приватните специјализации не ги даде посакуваните резултати. Не се запишуваа специјализации што му се потребни на здравствениот систем, туку оние што лекарите ги преферираа. Така повторно имаме многу кардиолози и пластични хирурзи, а недостигаат патолози, анестезиолози и радиолози – рече Клековски.

Министерот најави дека Владата ќе продолжи со вложувања во здравството, а приоритет ќе биде завршувањето на Клиничката болница во Штип и на останатите болници опфатени со проектот, како и подобрување на условите во Клиничкиот центар во Скопје и во другите јавни здравствени установи.

Тој посочи дека се работи и на зголемување на бројот на здравствени работници.

– Пред пандемијата во јавното здравство имаше околу 20.000 вработени, а 2024 година ја дочекавме со околу 18.000. Во 2025 година бројот се зголеми на 18.900. Сега вработуваме 300 млади специјализанти и се надевам дека конечно ќе заврши процесот на вработување на лицата кои со години работат со договор – изјави министерот.

Клековски нагласи дека никој, а особено здравствен работник, не треба да биде ангажиран со договор на дело.

Министерот најави дека еден од главните приоритети ќе биде подобрување на пристапот до лекови, бидејќи, како што рече, граѓаните и натаму издвојуваат премногу пари од сопствен џеб.

– Ќе продолжиме со проширување на Позитивната листа со современи лекови, кои денес претставуваат сериозен финансиски товар за граѓаните. Мора повеќе да се фокусираме на превенцијата и навременото лекување, а не само на последиците. Зградите и капиталните инвестиции се видливи, но многу поважно е што повеќе здравствени услуги да се доближат до примарното здравство – истакна Клековски.

Тој додаде дека Министерството работи и на подобрување на условите во Клиничкиот центар.

– Нов Клинички центар е неопходен, но до неговата изградба мора да обезбедиме подобри услови за пациентите, подобро закажување и пократко чекање. Очекувам во следните шест месеци да има нови лекови на Позитивната листа и видливи подобрувања во функционирањето на Клиничкиот центар – рече Клековски.

Поврзани содржини