ИЛИНДЕН 2026 • ВРЕМЕ Е МАКЕДОНИЈА ДА ЗБОРУВА СО ЕДЕН ГЛАС Подадена рака за национален консензус

Во демократијата е природно власта и опозицијата да имаат различни ставови. Но, постојат моменти кога државата мора да биде поголема од партијата, а националниот интерес поважен од дневнополитичките пресметки. Таков момент е нашиот однос кон барањата и оспорувањата што доаѓаат од политичкиот врв на Република Бугарија. Принципиелната определба на Владата да не прифаќа нови условувања што ги засегаат македонскиот јазик, националниот идентитет и историската посебност треба да прерасне во широк државен консензус.

0

Годинешните илинденски обраќања на претседателката на Републиката, на претседателот на Владата и на потпретседателот на Собранието, и покрај различниот тон и политичкиот пристап, содржеа една охрабрувачка порака: во македонското општество сè уште постои простор за согласност околу најважните државни и национални прашања.

Сите говорници зборуваа за потребата да ја чуваме државата, да го браниме националното достоинство, да ги задржиме младите и да ја изградиме Македонија во која вреди да се живее. Повторно, по којзнае кој пат, беше подадена рака за национално помирување и консензус околу клучните прашања. Токму од тие пораки треба да ја извлечеме поуката, наместо повторно да се делиме околу тоа кој говорник кому му упатил поостар збор.






Критиките упатени кон опозицијата не треба да се сведуваат исклучиво на напад врз неа, а повикот за национално единство не треба да се разбере како барање сите да мислат исто. Во демократијата е природно власта и опозицијата да имаат различни ставови. Но, постојат моменти кога државата мора да биде поголема од партијата, а националниот интерес поважен од дневнополитичките пресметки.

Таков момент е нашиот однос кон барањата и оспорувањата што доаѓаат од политичкиот врв на Република Бугарија.

Не можеме да се однесуваме како да станува збор само за формална пречка на европскиот пат. Со години се соочуваме со оспорување на македонската историска посебност и самобитност, со обиди за присвојување личности и настани од нашата национална историја, со релативизирање на македонскиот јазик и со неосновани барања што постојано се надополнуваат.

Затоа, од опозицијата треба јасно и јавно да побараме да каже каде се нејзините црвени линии. Што е подготвена да прифати, а што никогаш не смее да биде предмет на преговори и на отстапки? Какви гаранции ќе побара дека, по евентуалното исполнување на обврските што ги прифати претходната власт, нема да следуваат нови барања? Како ќе ги заштити македонскиот јазик, историјата, идентитетот, сувереното право на самоопределување и принципот на немешање во внатрешните работи на државата?

Европската интеграција е наша стратегиска определба, но тоа не значи дека секое барање што доаѓа од Европската Унија треба автоматски да се прифати, без внимателно да се проценат можните штетни последици за државата и за македонските национални интереси.

Новото раководство на опозицијата сè уште има можност да покаже дека навистина носи нова политика и дека не е заложник на политичката хипотека што ја оставија поранешниот лидер Зоран Заев и неговиот наследник на премиерската функција. Од новото раководство на СДСМ никој не бара самопонижување или откажување од европската определба, туку чесно и објективно преиспитување на последиците што ги трпиме од претходните одлуки.

Треба да се признае дека брзоплетото прифаќање на обврски и неразумните отстапки кон Бугарија, без цврсти и проверливи гаранции дека нема да следуваат нови условувања, ѝ нанесоа огромна штета на македонската преговарачка позиција и ја продлабочија недовербата на граѓаните.

Признавањето на погрешната процена не би било политички пораз, туку доказ за зрелост и можност за нов почеток. Новото раководство не е должно по секоја цена да ги брани сите постапки на своите претходници. Напротив, може и треба да покаже дека интересот на Македонија е поважен од одбраната на поранешните партиски одлуки и дека е подготвено да учествува во изградбата на поцврста заедничка државна позиција.

Во таа насока, принципиелната определба на Владата да не прифаќа нови условувања што ги засегаат македонскиот јазик, националниот идентитет и историската посебност треба да прерасне во широк државен консензус.

Опозицијата треба да покаже политичка зрелост и да се приклучи кон јасната позиција дека правото на сопствена државност и на сопствен јазик, историја и култура, како и сувереното право на самоопределување, не можат да бидат предмет на преговори, политички условувања или отстапки, а најмалку да бидат услов за рамноправно членство во Европската Унија.

Таквиот заеднички став не би значел откажување од европските интеграции, туку зајакнување на македонската преговарачка позиција. Македонија треба да го продолжи европскиот пат достоинствено и решително, како рамноправна европска држава со сопствен јазик, историја, култура и национален идентитет.

Токму околу таа цел власта и опозицијата треба да покажат единство и одговорност пред граѓаните и идните генерации.

Потребни ни се мудра и цврста дипломатија, меѓународни сојузници, правно издржани аргументи кои за среќа се во наша полза и јасна стратегија со која ќе покажеме дека европската иднина и заштитата на националното достоинство не се спротивставени цели. Македонија сака да биде дел од Европската Унија, но како држава што знае која е, што претставува и што не може да биде предмет на туѓо оспорување, уценување и условување.

Новото раководство на опозицијата може да придонесе во иднина повеќе да не се поставува прашањето кој повеќе ја сака Македонија, власта или опозицијата. Вистинското прашање е дали сите политички чинители се подготвени да ја стават Македонија пред партиските и личните интереси и дали сме подготвени сите да зборуваме со еден глас кога се засегнати националниот идентитет, јазикот, историјата, самобитноста и државното и националното достоинство. Според мене, тоа е наша основна и приоритетна обврска.

Опозицијата има право да ја критикува Владата и да предлага поинакви решенија. Но, таа има и обврска реално и одговорно да го согледува она што Македонија го доживува во односите со Бугарија. Не смее секое ново барање автоматски да го поддржува и да го прикажува како нормална и неизбежна европска обврска, ниту секоја дополнителна отстапка да ја претставува како единствен можен пат напред, без притоа сериозно да ги процени последиците што таквата одлука може да ги предизвика за државата и за македонските национални интереси.

Имаме полно право да бараме од сите политички партии, преку своите зборови и постапки, недвосмислено да покажат дека првенствено ја сакаат Македонија, дека ја доживуваат како своја татковина и дека навиваат и работат за нејзините интереси. Од нив очекуваме искрена грижа за иднината на државата, за достоинството на нејзините граѓани и за поколенијата што доаѓаат.

Тоа би била најважната поука од годинешниве илинденските пораки на македонските политички функционери: минатото да не го користиме за создавање нови поделби, туку како поттик и подадена рака сите заеднички да ја градиме иднината.

Да покажеме дека сме способни да се разликуваме во политиката, но да бидеме единствени кога станува збор за Република Македонија за нејзиното минато, сегашноста и иднината.

Поврзани содржини