📽️ НЕВРЕМЕ ЈА ПАРАЛИЗИРА ШПАНИЈА, ПОРОЈ ОДНЕСЕ ЧОВЕК СО АВТОМОБИЛ Поплавени се куќи и патишта, откажани се летови

За неколку часа во делови од Валенсија наврнале до 100 литри дожд на квадратен метар. Поплавени се патишта и објекти, откажани се летови, а ветерот корнел дрвја.

6

Порој однесе автомобил со човек во него, патиштата се претворија во реки, а водата навлезе во куќи и подруми во Шпанија. Силното невреме што ги зафати областите околу Барселона и Валенсија остави зад себе најмалку една жртва и сериозни проблеми во сообраќајот.

Човекот загинал во близина на Оливела, југозападно од Барселона. Според пожарникарите, тој со автомобил се обидел да премине надојден поток кога водата го повлекла возилото. Спасувачките екипи го пронашле неговото тело неколку часа подоцна.






„Ла Вангардија“ објави дека станува збор за британски државјанин кој живеел во областа.

 

 

View this post on Instagram

 

A post shared by Jutarnji.hr (@jutarnji.hr)

За неколку часа паднал пороен дожд

Силните врнежи почнале во средата и ги погодиле Каталонија, Валенсија и други делови од источниот брег. Невремето повторно ги оживеа сеќавањата на катастрофалните поплави од 2024 година, кога во Шпанија загинаа повеќе од 200 луѓе.

Во областа околу Барселона за само неколку часа наврнале до 80 литри дожд на квадратен метар, а во Валенсија количеството достигнало до 100 литри.

Снимките од погодените места покажуваат надојдена вода што се движи низ улиците. Поплавени се патишта и објекти, а сообраќајот на повеќе места бил блокиран.

Проблеми имало и во воздушниот сообраќај, со откажани и пренасочени летови. Во делови од источна Шпанија беа издадени и високи метеоролошки предупредувања, а во Мурсија денеска беше прогласена и највисока опасност за дел од регионот по интензивните врнежи.

Ветерот корнел дрвја

Со дождот пристигнале и силни ветрови. Според првичните информации, налетите достигнувале до 100 километри на час и корнеле дрвја.

Последиците се почувствувале и надвор од Барселона и Валенсија. Поплавени патишта се пријавени и во Мурсија, а поради временските услови бил откажан и фудбалски натпревар.

Невремето особено силно одекна во Валенсија, која сè уште ги носи последиците од катастрофата во октомври 2024 година. Тогаш регионот го погодија едни од најсмртоносните поплави во поновата историја на Шпанија, со најмалку 229 загинати и штети од милијарди евра.

Шпанската метеоролошка агенција АЕМЕТ предупредува на опасност од силни врнежи и поплави во погодените области. Нејзините официјални податоци и денеска покажуваат врнежи и силни налети на ветер на повеќе мерни места во земјата. 

Поврзани содржини