За иднината со фантомите од минатото
Не сакам, немам причина незаслужено да амнестирам некого од оваа власт, напротив. Но сепак, тие се сѐ уште на половина мандат и има време за сведување на „сметките“. А оние другине, тие одамна се завршена приказна, отпеана турбо-фолк песна полна со политикантски „јазични“ и „правописни“ глупости, минато на коешто не сакаме да се сеќаваме или тоа го правиме со згрозување и одвратност.
(Зло)употребата на точки/теми од минатото во современ политички контекст е една од најомилените играчки на балканските политиканти. Особено на македонската некогашна „дворска камарила“ која не само што се обидува да „плива во заборавот“ туку со сите сили сака и нас да нѐ убеди дека тоа е легитимна постапка. Ама, како прволаче кога брише со гумичка а всушност прави само поголема „флека“, така и овие во напорите да го поништат минатото во полза на иднината само се препелкаат во современата прашина. И кога немаат други објаснувања со сила на аргументи, минатото – во најразлична форма – секогаш се провлекува низ нивните „пледоајеа“, со единствена цел да ги „зацврсти“, а всушност замагли, „тезите“ коишто (наводно) треба да ја убедат јавноста во вистинитоста на изреченото.
Така денес дури и онаа криминална комедија од власт на неписменион „поет“-политикант да ти содржела „минимален, иако погрешен, апел за национална еманципација под чадорот на стекнувањето независност“. Забораваат дека тоа и не е некое далечно минато туку речиси вчерашен македонски антидржавен пекол. Како што и „лидеро“ на опозицискана секта „заборавил“ на извештаите за (не)квалитетот на водата во половина држава, но и во актуелниот Гостивар, во времето на неговото шарлатанско министерување! Посебна приказна се секојдневните безобразни подигрувања со „способноста“ на новата гарнитура на власт, особено кога, повторно, доаѓаат од „првенци“ на онаа и онаква „опозиција“. Или тие сакаат да кажат дека нивните бравурозно смешни ликови од форматот на Ковачевски, Заев и Пендаровски, како излезени од некој цртан филм, беа сериозни политички репрезенти на државата? Па и Османи го подметнуваат како пример за министер за надворешни; онаа Грковска (сосе прстените) како вицепремиерка за добро владеење беше само евтин виц; во културата се редеа сѐ „бисер“ до „бисер“, од Адеми, Исмаили и Стефоска до награденана „скафандерка“ која ја напика целата култура во битолска вреќа и ја фрли во Драгор; па и оние „бизнисмени“ Јорданов и Анѓушев (од кои едниот заврши и на „Црната листа“ на САД!) повеќе градеа економски циркус отколку систем… итн.
Како што вели Арент, „амнезијата нема да ги излечи нашите рани“. Нивните уште помалку. Зашто, прво, тие не се баш така бенигни, и второ, граѓанинот очигледно не е подготвен да учествува во такви современи скаламерии. Тоа го покажа (и) на последните избори. Но, впрочем, тоа најдобро се гледа и од неговиот отпор кон она лефтерно „Бугари во Устав“ и таква антидржавна и антинационална „разрешница“ на еден долг, повеќегодишен, па и вековен крвав терор. Но, политикантите од некогашните „дворски камарили“ можат на тој начин и понатаму да си ја мијат совеста. Меѓутоа, срамот не се мие – останува запечатен во историјата.
И со ова не сакам, немам причина незаслужено да амнестирам некого од оваа власт, напротив. Но сепак, тие се сѐ уште на половина мандат и има време за сведување на „сметките“. А оние другине, тие одамна се завршена приказна, отпеана турбо-фолк песна полна со политикантски „јазични“ и „правописни“ глупости, минато на коешто не сакаме да се сеќаваме или тоа го правиме со згрозување и одвратност. Такви самобендисано напумпани меури од иритантна сапуница оваа држава одамна не видела! Затоа и го водат овој беспредметен „разговор на глуви“ во којшто, несвесно, се дават себеси. Иако мислат дека ја дават власта, па и нас со неа.
За среќа, сите нивни битки се неповратно погребани, потопени во неуки и некомпетентни води. Денес тие можат само да сонуваат за „враќање во иднината“ од убиствените брзаци на текот на нвината „историја“, исполнета со изгубени битки. Нивниот сон е всушност кошмар од порази. Затоа веќе и не знаат до каде стасува реалноста а каде почнува ноќната мора.
Фантомите од минатото ги јадат како Хронос своите деца. Или се јадат меѓусебе. Но ништо подобро и не заслужиле.
Дерида во неговото предавање Фантомите на Маркс (1993) вели дека треба да се научи да се разговара со фантомите („s’entretenir de quelque fantôme“), вклучувајќи непрекинат дијалог со „политиката на меморијата, наследството и на генерациите“ при што остануваме внимателни дури и за враќањето на оние стари, или нови, фантоми што не би сакале да ги видиме. Е па токму тие секојдневно им се враќаат и ги прогонуваат, оние катастрофални порази и прокоцкани шанси, оние криминално-коруптивни „куферчиња“, тендери, зделки, договори, малверзации… без крај.
Затоа и Арент се согласува со Фокнер дека „минатото никогаш не е мртво, тоа дури не е ни минато“! Секогаш ни стои на вратот, а јавноста не му дава да си оди. Овие „прогресивни“ слепци кај нас тоа го знаат и затоа подигаат мувлосани ѕидови, местат валкани пердиња пред очите на јавноста за граѓанинот да не се сети на нивното одвратно минато. Секој нивен пишан или изговорен збор, секое соопштение и прес конференција е бесмислено обвинување и фрлање прав в очи на граѓанинот за некоја и нечија туѓа вина, за некаква „контаминирана и поларизирана псевдо јавност“, за некаква „граѓанска послушност“ којашто е всушност од нив смислен и октроиран државен концепт. Фантомите викани криминал и корупција, страв, заробена држава, автократија, предавства… се нивни деца што ќе ги прогонуваат дури се живи. Па и потоа!
И на/со такви фантоми е тешко да се спротивставиш и разговараш иако Дерида посочува и на такви „рецепти“ велејќи дека тоа не мора да значи отуѓување од нашето време и услови. Но слепциве тоа не го разбираат, а мислат дека имаат подобро решение: чистејќи си ја совеста тие своите фантоми ги префрлуваат врз грбот на сите други, надевајќи се – како „кокошките“ на Арент – дека ќе се вратат повторно да колваат низ дворот! Зашто јавноста е, мислат, наивна и глупава и само нив ги чека.
Извор: Теодосиевски уметност