МИЦКОСКИ НАЈАВИ СРЕДБИ НА ВИСОКО НИВО ВО ВАШИНГТОН Ќе бара инвестиции во енергетиката и воената индустрија, ќе го понуди и Криволак
Премиерот најави разговори на високо ниво во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, како и со DFC, а потоа во Њујорк ќе има средби со државници на Генералното собрание на Обединетите Нации. За евентуални средби со бугарска делегација вели дека не се конкретно планирани, и дека македонската влада останува на своите цврсти ставови и линии.
Премиерот Христијан Мицкоски утре заминува со владина делегација во САД, каде што најави средби на високо ниво во Сенатот, Конгресот и Стејт департментот, но и конкретни разговори за нови инвестиции во енергетиката, напредната технологија и воената индустрија.
Во гостувањето во Дневникот на МТВ, Мицкоски рече дека во Вашингтон ќе разговара и со високи претставници на американската финансиска институција DFC. Таа веќе е присутна во земјава преку инвестицијата во проектот „Крстодол“, познат во јавноста и како „Антимон“.
– Има од нивна страна пројавено интерес и за други проекти во делот на енергетиката и напредната технологија, така што сакам подлабоко да ги понудиме нашите капацитети – рече Мицкоски.
Дел од разговорите ќе бидат насочени и кон компании од воената индустрија што Владата сака да ги привлече да инвестираат во Македонија. Во тој контекст, Мицкоски го спомена и армискиот полигон Криволак.
– Во фаза сме на изработка на нов закон со Министерството за одбрана, да го понудиме нашиот тренинг-полигон Криволак – рече премиерот.
Според него, привлекувањето компании од оваа индустрија и користењето на капацитетите на Криволак би можеле да придонесат за побрз и подинамичен економски раст.
Во Вашингтон се предвидени и средби со влијателни тинк-тенк организации, по што владината делегација ќе замине за Њујорк.
Таму Мицкоски ќе учествува на годинашното Генерално собрание на Обединетите нации и најави повеќе веќе потврдени средби со државници. Фокусот ќе биде и на соседството, но премиерот најави обид за билатерални разговори со земјите од Заливот.
– Ќе се обидеме да имаме билатерални средби и со земји од Заливот, каде што цениме дека треба да градиме добри и солидни партнерски врски – рече Мицкоски.
Предвиден е и прием организиран од претседателот на САД. До овој момент, пак, не е планирана посебна средба со бугарската делегација.
Мицкоски потврди дека ќе има и состанок на лидерите од Западен Балкан што во Њујорк го организира делегацијата на Европската Унија. Дали лично ќе учествува ќе зависи од нивото на состанокот – ако е на ниво на шефови на држави и влади ќе присуствува тој, а ако е на министерско ниво, Македонија ќе ја претставува министерот за надворешни работи.
Прашан каков ќе биде македонскиот став на тие разговори во однос на бугарските услови за уставните измени и барањето гаранции, Мицкоски рече дека Владата нема да ја менува досегашната позиција.
– Ние ставовите не ги менуваме инстант или преку ноќ. Не правиме такви естрадни потези, водиме јасна политика која нуди гаранции на подолг рок – рече Мицкоски.