МИЦКОСКИ ТВРДИ ДЕКА ПЕНЗИИТЕ СЕ СИГУРНИ Нема проблеми со пензискиот фонд и исплатата

Премиерот тврди дека приносите од вториот задолжителен пензиски столб се далеку под очекуваните и најавува експертска јавна дебата за можноста граѓаните сами да избираат дали ќе уплаќаат во двата столба или само во државниот.

0

Премиерот Христијан Мицкоски вели дека нема проблеми во одржувањето на пензискиот фонд и исплатата на пензиите. Сепак, смета, треба да се размисли што да се направи за да се спречат евентуални проблеми во иднина, особено, како што нагласи, поради тоа што реформата што била спроведена во пензискиот сисем со воведување задолжителен втор столб не ги дала посакуваните резултати.

Ова, како што рече, се должи најмногу на тоа што друштвата кои управуваат со парите од вториот столб не ги оплодиле и не обезбедиле доволно приноси за повисоки исплати на дел од пензиите од овој столб. Правецот во кој се размислува, како што нагласи, е на граѓаните во иднина да им се остави можност да изберат дали би сакале да издвојуваат средства и во вториот или би останале само во првиот – државниот фонд, но за тоа, нагласи е потребна експертска јавна дебата.






Тој вели дека ќе преземе се што е потребно доколку е тоа во интерес на македонските граѓани без разлика на политичката цена.

– Политичката цена никогаш не била мој приоритет. На крајот на денот доколку ние мислиме дека нешто е добро за државата, ние сме спремни да ја платиме било која политичка цена – рече Мицкоски во „Само интервју“ на Канал 5 телевизја.

Проблемот, вели, е создаден кога е донесен Законот за вториот задолжителен пензиски столб во кој, како што рече, според одредени прогнози има околу 2,5 милијарди евра, можеби и три.

– Поголемиот проблем е тоа што кога е носен законот се прифатени условите колкави треба да се приносите за вториот пензиски задолжителен столб, а тие не се толкави, односно друштвата кои ги управуваат парите коишто таму се уплаќаат со својата претприемачка политика, со својот бизнис модел не успеваат да обезбедат такви приноси колку што требало да обезбедат. Ние не зборуваме за приноси коишто се двоцифрени. Ние зборуваме за приноси коишто се во рамките на 5 проценти, а сега за жал се три пати помалку, или околу 1,5 посто – рече Мицкоски.

Нагласи дека се анализира што да се прави понатаму и оти сакаат да има јавна дебата затоа што, како што истакна, едно од решенијата за кои размислуваат е граѓаните сами да одлучуваат дали ќе уплаќаат и во двата столба или само во државниот пензиски столб.

– Тоа е едно од можните решенија на коишто конвергираме, но, за ова ќе треба една јавна дебата да ја ислушаме и експертската јавност и луѓето коишто се занимаваат со оваа проблематика за да можеме да дојдеме до решението – потенцира Мицкоски.

Додаде дека тоа ќе биде неопходно затоа што е факт дека пензиските друштва коишто ги управуваат парите на граѓаните не успеваат да обезбедат принос, да ги оплодат тие пари онака како што било предвидено тогаш кога е носен овој Закон.

Вели дека има различни примери за тоа како ова прашање е решено во земјите од ЕУ од тоа кога во земји од Централна Европа комплетно се национализирал вториот пензиски столб, или примери како скандинавските земји каде што се става крај на двостолбниот систем, да остане само државен, но Владата сепак размислува овој избор да им се остави на самите граѓани.

Поврзани содржини