ПРОБЛЕМИ ЗА ХАЛАНД И ДРУШТВО Норвежаните побегнаа од луксузниот хотел, тимот го погоди и вирус

Ерлинг Халанд и неговите соиграчи биле принудени да го сменат хотелот поради лошите услови, а во меѓувреме неколку репрезентативци добиле стомачен вирус пред четвртфиналето со Англија.

0

Норвешката фудбалска репрезентација се соочува со сериозни проблеми само два дена пред четвртфиналниот натпревар против Англија на Светското првенство 2026. Покрај тоа што експресно го напушти хотелот во кој беше сместена, дел од репрезентативците се соочуваат и со стомачен вирус.

Според британскиот „Дејли Мејл“, Ерлинг Халанд и неговите соиграчи престојувале само една ноќ во хотелот „Далмар“ во Форт Лодердејл, по што побарале да бидат преместени.






Причина за незадоволството биле бучавата од блиско градилиште и прометен пат, недостигот од просторија за тимски состаноци, како и забелешките за хигиената во хотелот.

По интервенција на ФИФА, норвешката експедиција се преселила во хотелот „Фор Сизонс“, кој се наоѓа покрај плажата. Дополнителните трошоци за преместувањето првично ги покрил Норвешкиот фудбалски сојуз.

– Имаше работи што можеа да бидат подобри, па ги исправивме. Сакаме да ги оптимизираме условите и да се подготвиме на најдобар можен начин за важниот натпревар – изјави капитенот Мартин Одегард.

Селекторот Столе Солбакен потврди дека одлуката за промена на хотелот не била случајна.

– Неколку работи таму не беа како што треба. ФИФА се согласи со нас и ни излезе во пресрет. Не станува збор за тоа дека хотелот не е добар, туку дека ни се потребни услови во кои тимот ќе може оптимално да функционира – рече Солбакен.

Дополнителен проблем за Норвежаните претставува појавата на стомачен вирус во репрезентацијата. Голманот Орјан Ниланд потврди дека неколку фудбалери имаат здравствени проблеми.

– Можам да потврдам дека тоа е точно. Имавме одредени проблеми, а нашиот лекар има многу работа. Се надеваме дека сите ќе бидат подготвени за саботниот натпревар – изјави Ниланд.

Ова не е првпат Норвешка да се соочи со здравствени проблеми на Мундијалот. Напаѓачот Јорген Ларсен го пропушти првиот натпревар поради температура, Маркус Педерсен не настапи против Бразил поради вирус, а и селекторот Солбакен неодамна беше забележан како силно кашла за време на прес-конференција.

И покрај сите проблеми, Норвешка со голем оптимизам го очекува четвртфиналниот дуел против Англија, до кој стигна по сензационалната победа од 2:1 над Бразил.

Поврзани содржини