📽️ 📷 АМЕРИКА СЕ ОБИДУВА ДА ГО СПРЕЧИ ПОГРЕБОТ НА ХАМНЕИ Погодена клучна железничка линија, за првпат нападнат Чабахар

САД извршија нови воздушни напади врз Иран, додека Револуционерната гарда возврати со напади врз американски бази во Кувајт и Бахреин. Тензиите на Блискиот Исток дополнително растат.

0

 

Нови американски и ирански воздушни напади: САД за првпат го нападнаа градот Чабахар во југоисточен Иран, а погодена е и пругата Техеран – Машхад, каде што денеска треба да биде погребан Али Хамнеи.






Корпусот на исламската револуционерна гарда (ИРГЦ) потврди дека во текот на ноќта извршил нови напади како одговор на американските воздушни удари врз Иран, при што биле гаѓани американски воени бази во Кувајт и Бахреин.

Британскиот сервис Би-Би-Си пренесува дека Револуционерната гарда овие напади ги нарекла „прва фаза од казнениот одговор кон американските прекршители на договорот“ и го предупредила Вашингтон дека воените дејствија ќе бидат проширени кон други бази во регионот доколку продолжи, како што наведуваат, американската „агресија“.

Министерството за внатрешни работи на Бахреин соопшти дека биле активирани сирени за воздушна опасност и преку платформата Икс ги повика граѓаните да останат смирени и да се упатат кон најблиските безбедни места.

Според Би-Би-Си, во последните американски воздушни напади за првпат од почетокот на конфликтот бил погоден пристанишниот град Чабахар, кој се наоѓа во југоисточниот дел на Иран.

Британскиот медиум ја потврди автентичноста на фотографии и видеоснимки од оштетена кула за контрола на поморскиот сообраќај во овој град, кои се шират на интернет.

 

Полуофицијалната иранска новинска агенција Тасним објави дека во Чабахар и Конарaк биле слушнати десетици експлозии, а во делови од Чабахар дошло и до прекин на електричната енергија.

Тасним исто така објави дека американски борбени авиони ја бомбардирале базата „Имам Али“ на морнарицата на Револуционерната гарда во Чабахар.

Запрен железничкиот сообраќај на линијата Техеран – Машхад

Иранските власти соопштија дека патничкиот железнички сообраќај на линијата Техеран – Машхад е прекинат откако дел од пругата бил погоден во американски напад.

Ал Џезира пренесува дека Железниците на Исламската Република Иран испратиле технички и оперативни тимови на местото на оштетувањето, каде што се работи на поправка на пругата, со цел сообраќајот да биде обновен „во најкус можен рок“.

Наведено е и дека за патниците се организира алтернативен превоз со автобуси до Машхад.

Иранскиот врховен лидер Али Хамнеи, кој според наводите бил убиен на почетокот на војната меѓу САД и Израел против Иран кон крајот на февруари, денеска треба да биде погребан во Машхад.

САД тврдат дека погодиле 90 цели во Иран

Американската војска соопшти дека погодила околу 90 цели низ Иран во втората последователна ноќ на воздушни напади врз земјата.

Во објава на платформата Икс, проследена со видео-снимки од нападите, Централната команда на американската војска (CENTCOM) наведе дека целта била дополнително да се намали способноста на Иран за напади врз комерцијални бродови и цивилни морнари во Ормускиот Теснец.

Како што се наведува, меѓу погодените цели биле системи за противвоздушна одбрана, системи за крајбрежен надзор, складишта за ракети и беспилотни летала, поморски капацитети и воена логистичка инфраструктура долж иранскиот брег.

„Најновите напади следуваат по успешно извршените офанзивни удари во Иран претходната ноќ“, соопшти „CENTCOM“.

Трамп: Ова не е војна, туку денуклеаризација на Иран

Американскиот претседател Доналд Трамп изјави дека конфликтот со Иран не претставува „војна“, туку процес на „денуклеаризација на Иран“.

Тој изјавата ја даде пред новинарите во авионот „Ер форс 1“, при враќањето од самитот на НАТО во Турција.

– Тоа всушност не е некаква војна. Тоа е денуклеаризација на Иран. Станува збор за одземање на нуклеарното оружје и спречување Иран да поседува такво оружје. И сите треба да го поддржат тоа – изјави Трамп.

На прашањето дали САД повторно влегуваат во голем воен конфликт во Иран, американскиот претседател одговори дека „не знае“.

– Но, многу брзо би победиле – додаде тој.

Трамп повтори дека САД веќе „војнички победиле“ во Иран, оценувајќи дека на земјата ѝ останало „многу малку“ и дека таа „очајно сакала да постигне договор“.

– Тие се јавија пред извесно време, толку очајно сакаат договор. Само не знам дали се достојни за договор. Не знам дали ќе го почитуваат договорот, тоа е проблемот – изјави американскиот претседател.

Тој се осврна и на првиот бран од новите напади врз Иран, извршени во ноќта меѓу вторник и среда.

– Едноставно ги погодивме многу силно и би рекол дека ги погодивме 20 пати посилно. Секогаш кога тие ќе нè нападнат нас, ние ќе возвратиме 20 пати посилно – порача Трамп.

Поврзани содржини