ГЛУМЕЛЕ СООБРАЌАЈКА ЗА ПАРИ, НО „БЕЗБЕДЕН ГРАД“ ГИ ОТКРИ Четирицикл донеле со приколка, па го превртеле за отштета
Полициските камери од системот „Безбеден град“ покажале дека четирициклот не учествувал во несреќа, туку бил донесен со шлеп-служба и намерно превртен за да се прикаже лажен настан.
Двајца жители од тетовско се лишени од слобода поради сомнение дека се обиделе да прикажат лажна сообраќајна несреќа со цел да извршат осигурителна измама.
Според информациите од Министерството за внатрешни работи, вчера во 21:55 часот во СВР Тетово, С.А. (44) од село Џепчиште пријавил сообраќајна несреќа на крстосницата меѓу улиците „135“ и „Саво Тасевски“ во Тетово.
Во пријавата било наведено дека четирицикл со тетовски регистарски ознаки, управуван од Ш.А. (45) од село Јажинце, излетал од коловозот и се превртел.
Но, при проверка на снимките од системот „Безбеден град“, полициските службеници утврдиле дека настанот не се случил на начинот на кој бил пријавен.
Од видеозаписите било констатирано дека четирициклот не учествувал во сообраќајна несреќа, туку бил донесен на локацијата со возило на влечна служба. Потоа бил растоварен и намерно превртен на тротоарот од неколку лица, со цел да се создаде привид дека се случила сообраќајна незгода.
По координација и насоки од Основното јавно обвинителство Тетово, четирициклот бил одземен со потврда и задржан за понатамошна постапка.
Околу 23:50 часот, полициски службеници ги лишиле од слобода Ш.А. и С.А. поради постоење сомнение за сторено кривично дело „осигурителна измама“.
Двајцата се задржани во Полициската станица Тетово за понатамошна постапка, по што ќе следува соодветен поднесок.