📷 ПРИЈАТЕЛСТВОТО СО ВЕЛИКА БРИТАНИЈА НИ НОСИ БЕНЕФИТ ЗА ДОМАШНАТА ЕКОНОМИЈА Николоски се сретна со министерот Стивен Даути
Велика Британија е членка на Советот за безбедност на ОН, една од петте најмоќни земји во светот, втора најмоќна земја во НАТО Алијансата и вакво партнерство со Велика Британија може да значи многу и политички и економски за Македонија, истакна вицепремиерот Александар Николоски.
Посетата на Велика Британија претставува нов чекор во подобрување на соработката меѓу Македонија и Велика Британија. Односите се на исклучително високо ниво и во следниот период ќе работиме таквите односи да бидат на уште повисоко ниво, истакна вицепремиерот Александар Николоски по средбата со Стивен Даути, министер за Европа и Северна Америка на Обединетото Кралство.
– Во рамки на дводневната посета на високо ниво на Велика Британија, денеска остварив средба со министерот за Европа и Северна Америка, Стивен Даути, на која разговаравме за односите помеѓу Македонија и Великa Британија. Заеднички констатиравме дека односите се на исклучително високо ниво и дека во следниот период тие ќе бидат на уште повисоко ниво. Заеднички разговаравме за економската и политичка соработка, при што утврдивме дека двете држави се блиски партнери во рамки на НАТО Алијансата, исто така дека Велика Британија е стратешки партнер на Македонија, а економски е партнер број два, односно имаме извоз од 2,5 милијарди евра, што е втор најголем извоз што го остварува Македонија во било која странска држава. Разговаравме и во однос на политичките односи, разговаравме и за состојбите во Европа и војната во Украина и актуелните случувања. Разговаравме за се она што е предизвик и за Македонија и за Велика Британија и Европа и утврдивме дека политичките односи меѓу двете држави треба уште повеќе да растат. Средбите ги продолжувам во Министерството за надворешни работи и можам да заклучам дека оваа дводневна посета на Велика Британија претставува еден нов чекор во подобрување на соработката меѓу Македонија и Велика Британија. Велика Британија е членка на Советот за безбедност на ОН, една од петте најмоќни земји во светот, втора најмоќна земја во НАТО Алијансата и вакво партнерство со Велика Британија може да значи многу и политички и економски за Македонија. На Македонија и се потребни вакви пријатели и ќе продолжиме да работиме со нашите западни сојузници – изјави вицепремиерот Николоски.