СО ПРОМЕНЕТАТА ТРАСА НА БРТ ОСТАНУВА СРЕДИШНОТО ЗЕЛЕНИЛО НА БУЛЕВАРИТЕ Две катни гаражи кај Клинички треба да донесат 520 паркинг места
Концептот за брзиот автобуски превоз е изменет за автобусите да минуваат од двете страни, без отстранување на зеленилото во средината. Ѓорѓиевски најавува и околу 40 еколошки автобуси, репарација на жичницата и пуштање на мостот кај „Јане Сандански“.
Средишното зеленило на булеварите нема да се жртвува за БРТ, а сообраќајниот хаос кај Клиничкиот центар треба да се намалува со две големи монтажни катни гаражи со повеќе од 520 паркинг места.
Градоначалникот на Скопје Орце Ѓорѓиевски во „Тема на денот“ на Сител ги образложи измените во проектот за брз автобуски превоз и неколку други инфраструктурни проекти во градот.
– Во минатото повеќе од инает се дозволи со години да стои проектот во исчекување, најкритичната точка беше средишното зеленило коешто во минатото требаше да се отстрани, ние го променивме концептот, затоа што има алтернатива која може да биде функционална, наместо на средината да се отстранува средишното зеленило, автобусите да одат од левата и од десната страна, притоа да го задржиме средишното зеленило и да се додадат уште две траси – изјави Ѓорѓиевски.
Првата фаза е поврзување на Ѓорче Петров со Ново Лисиче
Тендерската постапка за претквалификација за БРТ веќе е распишана, а заинтересираните компании може да се пријавуваат до 2 ноември. Ѓорѓиевски вели дека првата фаза за инфраструктурното поврзување веќе е придвижена, додека следната треба да донесе и нови автобуси.
– Реално проекциите беа наредната година да започнеме со овој дел од тендерските постапки, но бидејќи навремено ја завршивме целата работа, ние ја распишавме едната фаза којашто предвидува инфраструктура, тоа е поврзувањето Ѓорче Петров со Ново Лисиче, имаме и втора фаза понатаму којашто ќе опфаќа набавка на 40-тина нови еколошки автобуси – појасни Ѓорѓиевски.
Над 520 места кај Клинички
Паралелно со БРТ, Градот планира да интервенира и кај Клиничкиот центар, каде што недостигот од паркинг со години создава проблем. За две големи монтажни паркиралишта веќе е распишана тендерска постапка, а најавениот капацитет е повеќе од 520 возила.
„Јас сакам прво да ја поздравам идејата на Владата за нов Клинички центар, но до тогаш хаосот кај Клинички центар го решаваме и распишана е тендерска постапка за изведба на две големи монтажни паркиралишта коишто ќе задоволуваат потреби над 520 паркинг места, ако оди сè како што треба веднаш по завршување на тендерската постапка ќе почнеме со градба“, истакна Ѓорѓиевски.
Жичницата оди на темелен сервис
Ѓорѓиевски информираше и дека е потпишан договор за репарација на Жичницата на Средно Водно, а работите треба да почнат во следните 7 до 10 дена. Пред повторното пуштање ќе биде извршен детален сервис и ќе се бараат официјални гаранции за нејзината безбедност.
За мостот кај „Јане Сандански“, пак, рече дека експропријацијата е завршена и дека во следните три недели треба да биде целосно подготвен за пуштање во употреба, со цел да се растовари сообраќајот.