ОСУДА НА СТАВОВИТЕ НА БОГОЈЕСКИ, ПРЕОДНА ОЦЕНА ЗА ВОДИТЕЛКАТА Агенцијата за медиуми го анализираше скандалозниот ТВ-настап на лидерот на Македонски концепт
Со ставовите на Петар Богојески се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности – оценува АВМУ.
Агенцијата за аудио и аудиовизуелни медиумски услуги изврши увид во емисијата „Под лупа“, емитувана на ТВ Алфа на 2 ноември 2026 година, на тема „Распадот на македонското семејство: Меѓу насилството, разводите и судирот на традицијата и модерното време“. Во емисијата учествуваа Петар Богојески, претседател на партијата „Македонски Концепт“, и Катерина Котеска, адвокатка специјализирана за семејно право и семејно насилство, се вели во соопштението од АВМУ.
Агенцијата укажува дека секој учесник во јавна дебата, особено јавна личност, сноси лична одговорност за јавно изнесените ставови и пораките што ги упатува до граѓаните. Од друга страна, наведува АВМУ, улогата на професионалното новинарство е да отвора прашања од јавен интерес, да овозможува аргументирана дебата и критички да ги преиспитува изнесените тврдења, со цел јавноста да добие релевантни информации и самостојно да формира мислење.
„Во конкретниот случај, од регулаторен аспект, новинарката која ја водеше емисијата постапуваше согласно професионалните новинарски стандарди. Таа поставуваше релевантни прашања, ги доведуваше во прашање изнесените тврдења и бараше нивно дополнително образложение“ – се вели во соопштението.
Истовремено, Агенцијата ги осудува ставовите на Петар Богојески со кои, како што се оценува, се релативизира и оправдува насилството врз жените и децата, се промовира нивната подредена положба и се прави обид таквите сфаќања да се претстават како традиционални вредности.
„Ваквите пораки се неприфатливи и се во спротивност со основните принципи на почитување на човековите права, еднаквоста и човечкото достоинство. Насилството, понижувањето и нееднаквоста не се традиционални вредности и не можат да бидат оправдани под каков било изговор. Особено е недозволиво физичкото насилство врз децата да се претставува како прифатлив начин на воспитување, или насилството врз жените како нормален дел од семејните односи“ – се наведува во соопштението на АВМУ.