БРАТОТ НА ДИЈАНА НЕ ПОПУШТА ПО УДАРОТ ОД ПАЛАТАТА За Би-Би-Си повтори: „Ја кажувам вистината“
Чарлс Спенсер застана зад тврдењето дека кралот по смртта на Дијана му рекол „наскоро ќе ја заборавиме“. Палатата претходно возврати дека братската тага може да ги „обои“ сеќавањата.
Само два дена откако Бакингемската палата го оспори неговото тврдење дека кралот Чарлс по смртта на Дијана му рекол „наскоро ќе ја заборавиме“, нејзиниот брат Чарлс Спенсер излезе пред Би-Би-Си и возврати – не повлекува ниту збор.
– Можам да ви кажам тука и сега – токму тие зборови ги кажа – изјави Спенсер од семејниот имот Алторп за Би-Би-Си.
Спенсер тврди дека спорниот разговор се случил додека двајцата се расправале дали 15-годишниот Вилијам и 12-годишниот Хари треба да одат зад ковчегот на нивната мајка. Според него, Чарлс во еден момент рекол: „Наскоро ќе ја заборавиме“.
Палатата претходно возврати дека кралот е свесен оти болката од братската тага може да го замагли расудувањето и да ја „обои меморијата“. Спенсер сега директно ја оспорува таа верзија.
– Бев хипервнимателен на она што го кажуваше и тоа се токму зборовите што ги кажа. Ви го ветувам тоа сега.
На прашањето дали има доказ, Спенсер рече дека уште тогаш им раскажал на семејството и пријателите што слушнал бидејќи изјавата му била „толку монструозна“.
А кога Би-Би-Си го праша на кој Чарлс треба да му верува јавноста – на кралот или на него – одговорот му беше краток:
– Ја кажувам вистината.
Бакингемската палата одби да одговори на неговите нови коментари.