ОТОМАНСКИ МУЗЕЈ И МУЗЕЈ НА ПРАИСТОРИЈАТА ЌЕ СЕ ОТВОРАТ НА КАЛЕТО До 2028 година ќе заживее Аквадуктот, ќе се изгради Универзалната сала
Кога зборуваме за европската престолнина на културата, не зборуваме само за титула, туку за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат. Зборуваме за можност еден град да се види себеси на нов начин и светот да го види него со нови очи, рече денеска министерот за култура и туризам, Зоран Љутков на меѓународната конференција по повод манифестацијата „Скопје - Европска престолнина на културата 2028“.
Ревитализација на Калето, конзервација на Аквадуктот, реконструкција на Универзалната сала и отворање нови културни простори, се дел од проектите кои ќе се реализираат во главниот град во пресрет на манифестацијата „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, беше најавено денеска на меѓународната конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“ .
Министерот за култура и туризам Зоран Љутков посочи дека титулата Европска престолнина на културата претставува можност за ново гледање на градот и неговата историја.
– Кога зборуваме за европската престолнина на културата, не зборуваме само за титула. Зборуваме за приказни, за луѓе, за градови што се менуваат и се отвораат. Зборуваме за можност еден град да се види себеси на нов начин и светот да го види него со нови очи – рече Љутков.
Тој најави дека забрзано се работи на важни културни и историски обележја на градот и дека „Скопје 2028“ е можност да покажеме кои сме, не само пред другите туку и пред самите себеси.
– Проектот за идејно решение за ревитализација на Калето е готов и него го изработи Конзерваторски центар – Скопје кој со забрзана динамика започнува со изработка на основни проекти, по што Град Скопје ќе може да започне со ревитализација на Калето. Министерството за култура е при крај со проектот за реконструкција и опремување на двата музеја на Калето – Музејот на праисторијата и на Отоманскиот музеј и наскоро ќе ги отвори за посетителите – рече министерот.
Скопскиот Аквадукт, додаде Љутков, кој е тивок сведок на минатото, конечно ќе добие шанса да биде виден, заштитен и споделен со светот. Обезбедени се средства за конзервација на објектот и првпат се обезбедени средства за експропријација на околните парцели.
Како што посочи министерот, веќе е започната повторната изградба на Универзална сала, како еден од најпрепознатливите симболи на културниот живот во Скопје, чија реконструкција треба да заврши до 2028 година, по што повторно ќе стане современ центар за културни настани, собири и за концерти.
– Ова што го градиме не е само за 2028 година. Ова е процес што веќе почна и треба да остави трага што ќе се чувствува долго време потоа – посочи Љутков.
Според него, проектот е можност за поврзување со Европа, уметниците и младите, но, пред сè, е проект на луѓето.
– „Скопје 2028“ е можност да покажеме дека знаеме да работиме заедно, дека знаеме да создадеме и дека знаеме да веруваме во нешто што е поголемо од нас. Затоа што, на крајот, ова не е проект на институциите. Ова е проект на луѓето. На сите нас. И токму затоа верувам дека „Скопје 2028“ може да биде нешто навистина посебно – нагласи министерот.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски порача дека културата мора да стане двигател на урбаната трансформација и трајна основа за развојот на градот.
Тој ја нагласи историската можност што ја носи титулата и повика културата да се разбере како јавна инфраструктура, а не како украс.
– Што навистина значи Скопје да биде европска престолнина на културата? Дали тоа значи само една година исполнета со настани? Или, како што за мене значи, нешто многу подлабоко – можност културата да стане трајна трансформација, јавна трансформација на инфраструктурата на градот, двигател на урбаниот развој, средство за социјална кохезија, извор на нова економија и основа на нов урбан идентитет – истакна Ѓорѓиевски.
Градоначалникот потсети и на солидарноста по земјотресот во 1963 година нагласувајќи дека тоа наследство мора да се претвори во современа сила за обнова на јавниот интерес и довербата во институциите.
Ѓорѓиевски ја нагласи и потребата културата да се поврзе со секојдневниот живот на граѓаните:
– Добар град не е само град со настани. Добар град е град во кој човек сака, пред сè, да остане. Град во кој јавните простори се безбедни, зелени, достапни и креативни. Град во кој културата не е луксуз, туку дел од неговото секојдневие – рече тој.
Ѓорѓиевски истакна дека титулата европска престолнина на културата не смее да биде само едногодишна прослава, туку трајна промена во начинот на кој се разбира, управува и живее градот.
На денешната меѓународна конференција во рамките на „Скопје – европска престолнина на културата 2028“ присуствуваа градоначалници, европски партнери, експерти, претставници на универзитети и на меѓународни организации, со цел да се отвори стратешки дијалог за урбани политики, културен развој и за одржливи европски практики.