„Сигналите“ на Кошта

Зошто „госпоѓана“ Црвенкапче што веќе толку време дреме во Брисел како втор човек на нато (малите букви се…) не иницира внатре во алијансата поддршка за сопствената земја? Или таа таму е само за парада и печалба? И зошто никој не отвора дебата и за тие прашања? Ако Кошта вели дека, „на крајот, моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце“, што тогаш чекаме? И што впрочем чекаа Димитров и Османи додека Радев го убедувал Макрон „цела година“?

0

Всушност, насловот можеше да биде и: е што ново, по ѓаволите, ни кажа тој Кошта? Зашто, по обичај кога доаѓаат и бргу си бегаат вакви „високи“ пезевенковци од еу (малите букви се…), локалните мегафони веднаш раструбуваат што и како ни кажале, какви шамари ни удриле и слични будалаштини, строго ограничувајќи ја „расправата“ на само за нив „важни“ аспекти на проблемот. Сето друго е неважно: што и како ние сме одговарале низ годиниве, што сме нуделе како прифатливо решение за обете страни и др.

А токму оние кои би требале целосно да го „разглобат“ проблемот и да ги дефинираат досегашните рамки на „дијалогот“, токму тие ни држат лекции за „привид на слободна и отворена дебата“, дури се чудат зошто „нашиот сосед целата листа барања кон нашата држава ја сведе само на уставните промени и што сака да постигне со тоа“. Каква загатка, јеботе, да се думаш три години! И кој треба да иницира токму такви дебати, продавачите по пазарите или оној општествен слој кој глуми некаква интелигенција а се реди под знамето „Бугари во Устав“?






Но, кога веќе спомнуваме „дебати“, дали нивното отсуство односно целното насочување само кон едно прашање не е производ токму на оние „интелектуалци“ кои мора да ги отвораат сите суштински прашања а не само прашањата што им ги сервираат нивните газди? И кој треба да се осмели јавно да го праша претседателот на советот на еу што тој конечно ќе преземе со омилената им бугарија (малите букви се…) и нејзиното непочитување на одлуките на Европскиот суд на правдата? И на тоа ли следува одговорот дека „сојузите се формираат, примарно да ги бранат интересите на своите членки“? Што ќе рече дека има сојузи и во моралот, принципите, правото и правдата… Тогаш, за што разговараме ние овде?

И како таа бајковита флоскула не ја знае еден Михаил Рот, на пример, во кого едно време се крстеше и еден дел од оваа македонска „интелигенција“? А македонскава „интелигенција“ дури не може ни да согледа колку таа флоскула е погубна ако се преслика на домашни услови зашто и локалните коалиции се некаков „сојуз“, попрво „семејство“, па зарем и тие го имаат тоа право да си ги бранат интересите на своите криминалци дома? Од друга страна, а во светлината на новообјавениот австриски документ од пред 35 години и државниот став на бугарија и Желев (на кој некои овде му палеа свеќа!) за признавањето на Македонија, можеби сега некој ќе има нешто ново да каже?

Или можеби „лидеро“ Филипче и онаа негова клиентелистичка компанија која тврди дека источниот сосед нема други барања освен фамозното „Бугари во Устав“ сега ќе има нешто да каже апропо новата измислица на бугарија во форма на амандман дека некој овде се обидува да заменува и уништува историски споменици и/или артефакти и автентично културно наследство, па и уништува и фалсификува бугарски натписи?

Но, ајде уште еднаш: што всушност ни кажа Кошта? И што воопшто можеше да ни каже едно такво (да простите – смешно) еу бирократче, притиснато од сите страни од онаа устроена германско-француска машинерија што треба да ја глуми еу, освен она што и досега постојано го верглаа? Без ниту еден конкретен и аргументиран одговор на бројни предлози од македонска страна? И тоа е таа еу „демократија“ на којашто се воодушевуваат некои овдешни глумци и глумици во филмот македонски политички плурализам?

Меѓу другото и дека „Посетата на Кошта е сигнал дека е време за државнички пристап кон европската интеграција на Македонија“. Какви црни „сигнали“, па тие биле дадени уште во онаа 1992 година, да не говориме за порано!

Она што навистина зачудува во еден таков „проглас“ е фактот што ако веќе говорат за државнички пристап, мораат прво да ги спомнат сите државнички предлози произлезени од новата македонска политика кон таканаречениот евроинтегративен процес. Ниту на еден не одговараат аргументирано. Дури воопшто и не одговараат, што е крајно простачки, безобразно и непристојно од страна на такви „големи“ европејци! Зашто Македонија понуди неколку – барем колку што е познато во јавноста – варијанти на тој фамозен услов викан „Бугари во Устав“, меѓу нив и добивање елементарни гаранции дека ветото нема веќе утре да се повтори со слични или други „причини“, или исполнување на тоа барање post festum односно веднаш по завршувањето на преговорите итн.

„Демократот“ Кошта и македонскава политикантска булумента ни збор не кажуваат за тоа. А Кошта пак, за да не биде целосен простак, „подмачкува“ со фрази за „опиплив напредок во спроведувањето на реформската агенда кон усвојувањето на патоказите за владеење на правото и реформата на јавната администрација“, за „искористување на Планот за раст и пристапувањето“, за „вашето целосно усогласување со заедничката надворешна и безбедносна политика“ и слични бесконечни преповторувања што сите одамна ги знаеме. Или тој смешко дури сега разбрал за нив?

Оттука, наместо за „сигналите на Кошта“, не треба ли веќе со сериозна сомнеж да прашаат дали некои политикантски структури во оваа и ваква Македонија не се само поштари на еу и нивните идиотски инсистирања и затоа се одржувани во живот? Зашто, останува прашањето: се води ли овде разговор на глуви, неми и слепи, има ли воопшто некаква волја од страна на еу за сериозен дијалог не само со Македонија туку и со бројни сериозни европски политички личности кои укажуваат на неодржливоста на нивните политики, зарем навистина еден тотално незрел политикант како Макрон (подучуван, по ѓаволите, од никој друг туку од Радев!) ги диктира европските интегративни насоки, дали некој во таа еу помислува дека конечно и некому во Македонија ќе му дојдат нивните глупости прекуглава и ќе бараат и други решенија…?

На пример, зошто „госпоѓана“ Црвенкапче што веќе толку време дреме во Брисел како втор човек на нато (малите букви се…) не иницира внатре во алијансата поддршка за сопствената земја? Или таа таму е само за парада и печалба? И зошто никој не отвора дебата и за тие прашања? Ако Кошта вели дека, „на крајот, моќта да ја обликувате вашата иднина е во ваши раце“, што тогаш чекаме? И што впрочем чекаа Димитров и Османи додека Радев го убедувал Макрон „цела година“? Или агендата беше и е сосема поинаква од оној „конструктивен дијалог со соседите“ на Кошта?

Зашто сето она што со видлив напор го пропелтечи тоа смешно бирократче не е и не може да биде аргументиран одговор на македонските предлози за надминување на стапицата викана „француски предлог“ и „бугарско вето“. Приказната дека еу е најсигурниот партнер на Западен Балкан и на Македонија веќе одамна е само политикантска фраза, дека еу „останува најголемиот инвеститор и најважниот трговски партнер“, дека еу бирократијата на чело со „госпожата“ фон дер Лајен, Кошта и другата германско-француска дворска камарила остануваат „посветени да ве подржуваме и понатаму и политички и финансиски“ се одамна, за жал, само приказни за мали деца. Бидејќи секогаш на крајот доаѓа она фамозно „но“ односно „но, усвојувањето на договорените уставни измени останува единствен начин за формално почнување на пристапните преговори“.

Договорени? Со кого? И како? Па нели беше договорено и нешто друго по подмолното протнување на Преспанскиот договор? И? Зарем не е повеќе од очигледно дека оваа влада нема јавна поддршка за таков чекор?! Или овие ги тераат на политичко самоубиство за да повторно ја инсталираат онаа криминално-коруптивна коалиција? Зарем сериозно мислат дека тоа по втор пат ќе им помине? И зарем баш тооолку нѐ потценуваат?!

Извор: Теодосиевски уметност

Поврзани содржини