ВАЖНА ВЕСТ ЗА ВОЗАЧИТЕ ОД ДРАЧЕВО, ЗЕЛЕНИКОВО И БАТИНЦИ Мостот на Маркова Река повторно отворен

Санацијата на мостот на регионалниот пат Р1106 чинеше 4,62 милиони денари без ДДВ, а работите завршија пред предвидениот рок.

0

Санацијата на мостот на Маркова Река заврши пред предвидениот рок, па од 5 септември мостот повторно ќе биде целосно отворен за сообраќај, информираат од Јавното претпријатие за државни патишта.

Мостот се наоѓа на регионалниот пат Р1106 и е важна сообраќајна врска за жителите на Кисела Вода и населените места Драчево, Зелениково и Батинци.






Санацијата беше спроведена со цел да се подобрат безбедноста и функционалноста на мостовската конструкција. Работите се одвиваа со забрзано темпо во текот на летниот период, кога сообраќајот е со намален интензитет, со цел да се намалат застојот и влијанието врз возачите.

Во рамки на санацијата беше отстранет дотраениот асфалт, постојните дилатациони фуги, сливниците и тротоарите. Поставена е нова бетонска плоча и хидроизолација, по што мостот повторно е асфалтиран.

Изградени се и нови тротоари со рабници, а извршена е и санација на парапетната греда.

Вредноста на работите изнесува 4.619.800 денари без ДДВ, а средствата се обезбедени од буџетот на Јавното претпријатие за државни патишта.

Работите ги изведуваше „Синтек Инженеринг“ ДООЕЛ од село Бразда, додека надзорот го вршеше „ЕОС Е.Е.“ ДОО Скопје.

Од ЈПДП посочуваат дека претпријатието се грижи за одржувањето и безбедноста на повеќе од 1.100 мостови на државните патишта низ земјава.

Со завршувањето на санацијата, мостот на Маркова Река од 5 септември повторно ќе биде во целосна функција.

Поврзани содржини