НОВ ОБИД ЗА САБОТАЖА ВО ГЕРМАНИЈА Полицијата истражува серија инциденти со електричната мрежа
По неколку инциденти во различни делови на земјата, германските власти истражуваат дали станува збор за координирани обиди за саботажа на електроенергетската инфраструктура.
Германските власти истражуваат нов наводен обид за саботажа на електроенергетската мрежа, откако бил направен обид да се предизвика краток спој на трансформатор во електроразводна мрежа јужно од Дизелдорф, во западниот дел на земјата, објави весникот „Билд“.
Случајот дополнително ја зголеми загриженоста во Германија за безбедноста на критичната инфраструктура, по неколку слични инциденти регистрирани во последните денови.
Полицијата во Келн потврди дека добила писмо во кое се презема одговорност за инцидентот во Дормаген, како и за вандалскиот чин во трафостаница во блискиот Бергхајм.
При инцидентот во Бергхајм во вторникот бил нарушен системот за снабдување со електрична енергија, при што биле исклучени електроцентрали со вкупен капацитет од околу 4.200 мегавати.
Според „Билд“, писмото било рачно напишано од маж кој го навел и својот идентитет. Сепак, засега не е потврдено дали станува збор за лицето кое директно ги извршило дејствата.
Во друг случај, исто така пријавен оваа недела, уреди со проводен материјал биле употребени за оштетување на далноводи во еден од важните јазли на високонапонската мрежа во источната покраина Бранденбург.
Полицијата денеска соопшти и за инцидент во северниот град Гандеркезее, во близина на Бремен. Околу 3 часот наутро била пронајдена отворена вратата од контролната просторија на трансформаторска станица.
Полицијата го пребарала подрачјето со хеликоптер и полициски кучиња. Иако на објектот не биле забележани оштетувања, истрагата продолжува.
Инцидентите се случуваат само неколку дена пред изборите во источната покраина Саксонија-Анхалт, каде што крајнодесничарската „Алтернатива за Германија“ (АфД) води во анкетите.
Германското Министерство за внатрешни работи оцени дека „не е случајно“ што ваквите хибридни напади се случуваат во пресрет на избори.
Од кабинетот на канцеларот Фридрих Мерц, пак, порачаа дека бројот на спречените или неуспешните напади покажува оти безбедносните мерки функционираат.
Германија во меѓувреме е во центарот на европските безбедносни дискусии за ранливоста на критичната инфраструктура.
Берлин неодамна ја обвини Русија дека стои зад напад со дрон наполнет со експлозиви, кој во август бил откриен на аеродромот „Лајпциг/Хале“. Германските власти го оценија случајот како дел од хибридна војна насочена кон заплашување на поддржувачите на Украина.
Москва ги отфрли обвинувањата како неосновани.
Засега нема потврда кој стои зад најновите инциденти со електроенергетската инфраструктура во Германија. Истрагите за сите случаи продолжуваат.