📽️ НОВИ УЧИЛИШТА ВО ДРАЧЕВО И ВО ЃОРЧЕ ПЕТРОВ Скопје инвестира во покриви, опрема и подобри услови за учениците
Обновени се покривите и спортските терени, училниците добиле нова опрема, а во „Димитар Влахов“ е отворен фризерско-козметички салон. Градоначалникот најави и поставување фотоволтаици.
Градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, соопшти дека се обновени дотраените покриви на скопските средни училишта, а најави дека следната година ќе започне изградбата на две нови училишта – едно во Драчево и едно во Ѓорче Петров.
Во објава на социјалните мрежи, Ѓорѓиевски порача дека вложувањето во образованието е вложување во иднината и дека ниту една генерација ученици не треба да го поминува школувањето чекајќи да добие основни услови за настава.
Тој посочи дека проблемот со дотраените покриви со години бил познат, но неговото решавање постојано се одложувало.
– Со години, додека учениците учеа, а професорите предаваа, покривите над нив прокиснуваа. Со години се знаеше за проблемот, а неговото решавање се оставаше за некое друго време. Како градоначалник, сметам дека ниту една генерација не смее да го помине школувањето чекајќи основни услови за настава – вели Ѓорѓиевски.
Градоначалникот информира дека покрај реконструкцијата на покривите, во градските средни училишта биле обновени спортските терени, а училниците биле опремени со нов мебел, компјутери, лаптопи и интерактивни табли.
Како дел од мерките за подобрување на условите за учениците, според него, биле обезбедени и ормарчиња за секој ученик, бесплатни униформи за средношколците од прва година, како и лаптопи за првенците на генерацијата.
Ѓорѓиевски посебно го издвои и средното училиште „Димитар Влахов“, каде што е отворен фризерско-козметички салон со професионална опрема, наменет за практична обука на учениците.
– Во „Димитар Влахов“ отворивме фризерско-козметички салон каде што учениците го учат занаетот со професионална опрема – истакна градоначалникот.
Во објавата тој информира и дека бил организиран бесплатен едукативен камп во Охрид, а за претстојната зима е предвиден и ски-викенд за средношколците.
Како следен чекор во модернизацијата на училиштата, Ѓорѓиевски ги посочи поставувањето фотоволтаични системи во училишните објекти и изградбата на две нови средни училишта во текот на следната година.
– Моја одговорност како градоначалник е да ви обезбедам подобри услови за работа, а на учениците да им отворам нови можности – порача Ѓорѓиевски, додавајќи дека младите се иднината на Скопје и заслужуваат најдобри услови за образование.