ГОЛЕМА АКЦИЈА ПРОТИВ АВТОМАФИЈАТА, ОДЗЕМЕНИ 67 ВОЗИЛА Полицијата проверила речиси 4.000 автомобили, уапсени се две лица

Во акцијата организирана од ИНТЕРПОЛ биле откриени автомобили со сомнителни броеви на шасија, царински прекршоци и две возила барани од Германија поради измами со лизинг.

0

Дури 3.944 возила биле проверени, 67 биле одземени, а две лица биле лишени од слобода во Македонија во рамките на меѓународната полициска операција „CARBACK II“, насочена против кражбите, криумчарењето и нелегалната трговија со моторни возила.

Акцијата, организирана од ИНТЕРПОЛ, се спроведувала од 28 септември до 9 октомври 2026 година, а во неа учествувале повеќе полициски служби и државни институции.






Од Министерството за внатрешни работи информираат дека контролите биле спроведени на повеќе пунктови, гранични премини и критични локации низ државата.

– Во текот на оперативните активности извршени се 3.944 проверки на возила на повеќе контролни пунктови, гранични премини и критични точки низ државата – велат од МВР.

Најголемиот дел од одземените автомобили, односно 55 возила, биле запленети поради сомнение за кривично дело „прикривање стоки кои се предмет на криумчарење и царинска измама“.

Дополнително, три возила биле одземени поради сомнение за фалсификување исправи, односно интервенции на броевите на шасијата (VIN), а четири поради царински прекршоци.

Особено внимание привлекуваат и две возила за кои се утврдило дека се предмет на меѓународна потрага од Германија, во случаи поврзани со измами со лизинг и затајување.

Во рамките на акцијата било одземено и едно возило поради сомнение за затајување, едно поради фалсификување исправи и користење регистарски таблички од друго возило, како и уште едно поради сомнение за кривично дело „оштетување туѓи права“.

Покрај полициските контроли, биле спроведени и заеднички инспекциски надзори во 17 правни субјекти кои се занимаваат со продажба на автомобили и половни автомобилски делови. При овие контроли биле проверени уште 809 возила, од кои 59 биле одземени.

Во операцијата учествувале повеќе организациски единици на МВР, вклучително и криминалистичката полиција, граничната полиција, униформираната полиција и единиците за сузбивање организиран криминал. Поддршка дале и Царинската управа, Управата за јавни приходи, Државниот инспекторат за труд, Државниот пазарен инспекторат и Државниот инспекторат за животна средина.

Од МВР посочуваат дека целта на операцијата била откривање и разбивање организирани криминални групи вмешани во кражби, криумчарење и нелегална трговија со автомобили, но и откривање возила поврзани со осигурителни, лизинг и други финансиски измами.

– Со учеството во оваа меѓународна операција, Министерството за внатрешни работи ја потврдува посветеноста на континуираното унапредување на меѓународната и меѓуинституционалната соработка, размената на оперативни информации и заедничкото дејствување во откривањето и сузбивањето на организираниот и прекуграничниот криминал – наведуваат од Министерството.

Поврзани содржини