ЕВТИНО ВИНО ПРОДАВАЛЕ КАКО СКАПО, РАСИПАНАТА ХРАНА ЈА ПРЕПАКУВАЛЕ Европол заплени фалсификуванипроизводи вредни 80 милиони евра
Во шестмесечна операција во 57 земји биле запленети речиси 230.000 литри фалсификувани пијалаци и 1,7 милиони килограми храна со несоодветен квалитет.
Во меѓународна операција против измами со храна, координирана од Европол, запленета е храна во вредност од речиси 80 милиони евра (88 милиони долари), уапсени се 79 осомничени лица и разбиени се 18 организирани криминални групи, соопшти денеска во Хаг полициската агенција на Европската Унија.
Шестмесечната операција опфати 57 земји, а беше поддржана од Европската комисија и од Меѓународната организација на криминалистичката полиција (Интерпол).
Истражителите заплениле повеќе од половина милион фалсификувани производи, речиси 230.000 литри фалсификувани пијалаци и речиси 1,7 милиони килограми храна со несоодветен квалитет, соопшти Европол.
Месото, алкохолните пијалаци, овошјето и зеленчукот биле главните категории производи погодени од измамите.
Според Европол, криминалците користеле различни методи за измама. Во маслото додавале други супстанции, додека евтините вина ги продавале како скапи, лепејќи на нив лажни етикети. Храната на која ѝ истекол рокот на употреба, па дури и расипаните производи, била препакувана и добивала нови етикети.
Европол предупреди дека измамите со храна претставуваат сериозна закана за јавното здравје.
„Фалсификуваната или на друг начин изменетата храна може да предизвика заболувања, да ги поткопа стандардите за безбедност на храната и да ги наруши пазарите“, се наведува во соопштението.