РУДНИКОТ НА ХАЛКИДИКИ ПОЧНУВА СО ПРОДАЖБА НА БАКАР Нашите резерви во Иловица не се користат
Рудникот неодамна го произведе својот прв концентрат од бакар и злато, што претставува значаен чекор кон воспоставување нов извор на овие два метали во Европа.
Компанијата „Елдорадо голд“ ги стави во употреба сите четири потребни преси за филтрирање на јаловина во својот рудник за бакар и злато „Скуриес“ на Халкидики, исполнувајќи го клучниот предуслов за комерцијално производство до крајот на 2026 година. Канадската рударска компанија соопшти дека комерцијалното производство се очекува кон крајот на овој квартал, односно до крајот на годинава.
– Со четирите филтер-преси кои сега се во функција, постигнавме уште една важна пресвртница во процесот на активирање на „Скуриес“ – изјави извршниот директор на рудникот, Кристијан Милау.
Овој развој на настаните ја приближува компанијата до преминот на „Скуриес“ од фазата на изградба кон комерцијално работење, по години исполнети со пречки. Рудникот неодамна го произведе својот прв концентрат од бакар и злато, што претставува значаен чекор кон воспоставување нов извор на овие два метали во Европа. Како што пишуваат грчките медиуми, се очекува преостанатите две преси да бидат во функција на почетокот на декември, со што ќе се обезбеди дополнителен капацитет за зголемувањето на обемот на преработка. Залихите на руда во рудникот сега надминуваат 4,6 милиони тони, што е доволно за покривање на повеќе од седум месеци планирана преработка.
Експертите во Македонија неодамна се осврнаа на значајните капацитети на рудникот во соседната држава, додавајќи дека истражени големи капацитети на бакар кај нас засега поседува само наоѓалиштето во Иловица. Универзитетскиот професор и геолог, Ѓорѓи Димов, Иловица ја спореди со двете наоѓалишта во Грција, односно на Халкидики, за кои кажа дека се на само двесте километри од нас, од кои едното е на десет километри од плажите, а другото на 1,5 километри од морето. Професорот нагласи дека тамошните рударски проекти се странски инвестиции, преку големи странски корпорации коишто работат со свои грчки филијали. Тоа се странски инвестиции, како што додаде, коишто инвестираат во еден сериозен систем, не само на експлоатација и екстракција, туку и на сериозен систем на мониторинг за заштита на животната средина.
– Тоа е едно големо наоѓалиште, од кое голем дел е истражен. Многу е слично со оние наоѓалишта во Грција и по генетски тип припаѓаат на ист тип порфириски наоѓалишта на бакар и злато коишто веројатно ќе се експлоатираат на ист начин на којшто се експлоатираат грчките наоѓалишта. Нашите геолози имаат пресметано поголеми резерви во Македонија. „Иловица-Штука“ е и тоа како интересна за експлоатација и повеќе од јасно е дека многу лесно може да биде издржан рударски проект – заклучи Димов.
Минатиот месец, Европската комисија му додели на „Скуриес“ статус на стратешки проект, што може да го забрза процесот на издавање дозволи и да го олесни пристапот до финансирање, додека рудникот го зголемува производството. „Скуриес“ е еден од 46-те проекти избрани во рамките на иницијативата на ЕУ за зајакнување на пристапот на Европа до критичните суровини. Овој статус овозможува побрзо издавање дозволи и помош при обезбедување јавно и приватно финансирање, но не претставува обврска за директно финансирање од страна на Комисијата.
Рудникот на почетокот на октомври беше и свечено пуштен во употреба, а грчкиот премиер Киријакос Мицотакис тогаш изјави дека проектот е „глас на доверба“ во грчката економија. Мицотакис истакна дека тој е одраз на „земја која може да привлече странски инвеститори преку својот кредибилитет“, додавајќи дека Грција мора да одржува доследност и јасни правила за инвеститорите.
– Проектот „Скуриес“ може да го отвори патот за идни инвестиции, особено во северна Грција, регион кој поседува значително неискористено минерално богатство – нагласи премиерот.
Тој додаде дека во проектот се вложени повеќе од две милијарди долари и дека тој можеби претставува најголемата странска производна инвестиција во Грција во последните децении. Мицотакис ја нагласи важноста од поддршката на локалната заедница, укажувајќи на потенцијалните придобивки од проектот, како за регионот, така и за националната економија. Тој појасни дека рудникот ќе произведува не само злато, туку и бакар – суровина што е од клучно значење за „зелената транзиција“, вклучително и за производството на електрични возила и мобилни телефони. Во услови на геополитичка неизвесност, тој нагласи дека домашното производство на критични суровини е од суштинско значење за зајакнување на индустриската конкурентност на Европа.