📽️ ХАОС НА ЛЕТОТ ЗА ЧИКАГО, ПАТНИК САКАЛ ДА ЈА ОТВОРИ ВРАТАТА Екипажот и патниците го совладале, авионот принудно слетал

Летот од Сан Диего кон Чикаго бил пренасочен кон Феникс, каде што полицијата го презела патникот. Екипажот и другите патници успеале да го совладаат пред безбедното слетување.

0

Патник предизвикал инцидент на летот на „Американ ерлајнс“ од Сан Диего кон Чикаго, откако станал од своето место и се обидел да манипулира со вратата на авионот додека леталото било во воздух. Поради нарушувањето на безбедноста, авионот бил пренасочен и слетал на аеродромот во Феникс, каде што патникот го презела полицијата.

Станува збор за летот 1494, кој во раните утрински часови на 25 ноември полетал од Сан Диего кон меѓународниот аеродром „О’Хер“ во Чикаго. Според полицијата во Феникс, патникот го напуштил своето седиште и се упатил кон предниот дел на авионот, одбивајќи повеќепати да ги послуша инструкциите на екипажот да се врати на своето место.






Потоа се обидел да ја отвори, односно да манипулира со една од вратите на леталото. Членови на екипажот и други патници интервенирале и успеале да го совладаат и да го задржат до слетувањето.

Авионот безбедно слетал на меѓународниот аеродром „Скај Харбор“ во Феникс околу еден часот по полноќ по локално време. Полицијата го презела патникот веднаш по пристигнувањето. Тој се здобил со полесна повреда и бил пренесен во болница на лекарска процена. Нема пријавени повредени меѓу другите патници и членовите на екипажот.

 

Од „Американ ерлајнс“ потврдиле дека летот бил пренасочен поради недисциплиниран патник, додавајќи дека безбедноста на патниците и екипажот е нивен највисок приоритет. По интервенцијата на полицијата и отстранувањето на патникот, летот продолжил кон Чикаго.

Федералната управа за воздухопловство на САД соопштила дека екипажот пријавил нарушување на редот во авионот и дека ќе го истражува случајот. Полицијата го известила и Федералното истражно биро (ФБИ), кое ќе ги разгледа извештаите за инцидентот.

Според податоците на Федералната управа за воздухопловство, авиокомпаниите во САД годинава пријавиле повеќе од 1.500 инциденти со недисциплинирани патници.

Поврзани содржини