СТОКАТА ВРЕДНА 5,6 МИЛИОНИ ЕВРА ЈА ИМАЛО САМО НА ХАРТИЈА Фирма осомничена дека затаила 1,6 милиони евра во данок

Стечајниот попис открил дека стоката заведена во деловните книги ја нема. Кривична пријава е поднесена против сопственикот на фирмата и против самата фирма.

0

Финансиската полиција поднесе пријава за фирма за која постои сомнение дека затаила данок од околу 1,6 милиони евра При пописот во рамките на стечајната постапка било откриено дека недостига трговска стока вредна околу 5,6 милиони евра, која, според пријавата доставена до Основното јавно обвинителство, ја присвоил сопственикот на фирмата.

Стоката фигурирала како залиха во деловните книги на една фирма, но пописната комисија формирана од стечајниот управник не ја пронашла.






Управата за финансиска полиција поднесе кривична пријава до Основното јавно обвинителство Скопје против сопственикот и управител В.Т., како и против правното лице, поради сомнение за даночно затајување и за фалсификување или уништување деловни книги.

„Во текот на 2024 година, првопријавениот В.Т., во својство на сопственик и управител на пријавеното правно лице, свесно и со однапред утврдена намера да се стекне со противправна имотна корист, ја присвоил набавената трговска стока, евидентирана како залиха на правното лице, која при извршениот физички попис од страна на пописна комисија формирана од стечајниот управник не била затекната на лице место“, се наведува во соопштението на Финансиската полиција.

Кусокот на стоката не бил евидентиран во сметководството на фирмата. Според пресметките на Финансиската полиција, не биле платени околу 1 милион евра по основ на данок на додадена вредност (ДДВ) и околу 622.000 евра по основ на данок на личен доход.

„Со ваквите дејствија, според наводите во пријавата, првопријавениот, преку пријавеното правно лице, избегнал пресметување, пријавување и плаќање на законски утврдените даночни обврски по наведените основи“, информираат од Финансиската полиција.

Поврзани содржини