СЕГА Е МОМЕНТ МАКЕДОНИЈА ДА НАПРАВИ ЧЕКОР НАПРЕД Марта Кос за реформскиот пат на Македонија кон Унијата

Еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година.

46

Не треба да се мешаат билатералните прашања во процесот на пристапување кон Европската Унија, но факт е дека земјите членки понекогаш ги ставаат сопствените интереси на маса и затоа отворените билатерални прашања треба да се решаваат во духот на добрососедските односи, изјави еврокомесарката за проширување Марта Кос во интервју за МИА во Брисел.

Вели дека ја разбира фрустрацијата на македонските граѓани поради долгото чекање, со оглед на тоа што земјата има кандидатски статус од 2005 година. Но, според неа, поддршката за членство во ЕУ во кое сè уште веруваат две третини од граѓаните ѝ дава легитимитет на Владата да го продолжи европскиот пат и истовремено, како што рече, ја обврзува да ги исполни нивните очекувања.






На прашање за натамошен напредок во пристапниот процес, Кос посочи дека земјава треба да продолжи со реформите во владеењето на правото и борбата против корупцијата.

– Треба да продолжите со реформите, особено во владеењето на правото и во борбата против корупцијата. Тие се дел од она што го нарекуваме темелни прашања. Тука спаѓаат и патоказите за функционирањето на демократските институции, за реформата на јавната администрација, каде што добро ја завршивте работата, и за владеењето на правото.

Вашата влада многу добро знае што треба да се направи. Сега од вас зависи да продолжите по тој пат и да ги спроведете реформите. Тие се важни за пристапниот процес, а воедно ни овозможуваат да ви ги исплатиме средствата од Планот за раст. Овој финансиски инструмент предвидува исплата само кога ќе ги исполните обврските. Со големо задоволство можам да кажам дека Северна Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите од Планот за раст – рече Кос.

Кос вели исплатата на средствата од Планот за раст, зависи од исполнувањето на обврските, нагласувајќи дека Македонија е меѓу трите најуспешни земји во спроведувањето на реформите предвидени со Планот.

Осврнувајќи се на веродостојноста на процесот на проширување, Кос рече дека во последните години има конкретен напредок, особено, како што истакна, по почетокот на војната во Украина во 2022 година кога проширувањето повторно стана приоритет на ЕУ. Како показател за напредокот ги посочи завршната фаза на преговорите со Црна Гора и бројот на поглавја што ЕУ ги затворила во првите десет месеци годинава, кој, како што рече, е поголем отколку во која било претходна година во последните 25 години.

Одговарајќи на прашањето како ЕУ може да обезбеди напредок врз основа на заслугите на земјите кандидатки, без тој да биде засенет од билатерални спорови, Кос вели „иако билатералните прашања не треба да се мешаат во пристапниот процес, тие понекогаш сепак се на маса и мора да се решаваат во духот на добрососедските односи“

Кос оцени дека напредокот на другите земји од Западен Балкан покажува дека сега е момент и Македонија да направи чекор напред. Ја повика Владата, како што вели, да ја исполни преземената обврска за уставните измени, по што пристапниот процес ќе може да продолжи без дополнителна политичка одлука.

Во завршната порака, Кос го поврза проширувањето со зачувувањето на мирот во Европа и рече дека ЕУ ќе ѝ помогне на земјава во решавањето на прашањата со соседите. Потсети дека Европската Унија е мировен проект и оцени дека зачувувањето на мирот е една од најважните задачи за сите европски земји, посочувајќи ги воените конфликти во поранешна Југославија и актуелната војна во Украина.

Таа рече дека он граѓаните можат да очекуваат конкретни придобивки од поблиската интеграција, дури и пред членството во Унијата.

– Главната идеја на постепената интеграција е да добиете повеќе од Европа уште пред да станете полноправна членка. Тоа значи дека можете да учествувате во некои политики или да користите одредени поволности. Еден пример е СЕПА. Разговарав со вашиот премиер и тој секогаш објаснува колку е тоа важно за вашите граѓани и бизниси. Имате дијаспора. Многу Македонци живеат во странство и испраќаат пари, а откако сте дел од СЕПА, трошоците за овие трансфери се намалија. За Северна Македонија тоа може да значи придобивка од 60 милиони годишно – вели еврокомесарката за проширување во интервјуто за МИА.

Поврзани содржини