ГО ФАТИЛЕ КАМЕРИТЕ НА „БЕЗБЕДЕН ГРАД“, А ПОЛИЦИЈАТА НА ТАБАНОВЦЕ Приведен Романец кој возел двојно над дозволеното
49-годишен романски државјанин бил приведен на Табановце, откако „Безбеден град“ го евидентирал при возење со 163 километри на час кај Демир Капија.
Романски државјанин бил приведен на Граничниот премин Табановце, откако полицијата утврдила дека со автомобил возел со 163 километри на час на делница каде максималната дозволена брзина е 80 километри на час.
Станува збор за 49-годишниот Х.В.С. од Романија, кој бил пронајден во текот на вчерашниот ден при излез од државата.
Според МВР, тој со автомобил „ауди“ со романски регистарски ознаки на 4 септември околу 6:30 часот возел по автопатот А1, во близина на Демир Капија. На тој дел од патот дозволената брзина е 80 километри на час, а возачот бил измерен со 163 километри на час.
Податоците биле евидентирани преку системот „Безбеден град“.
Кога подоцна пристигнал на Табановце за да ја напушти земјата, полицијата го идентификувала и го лишила од слобода.
Романскиот државјанин бил пренесен во полициската станица во Неготино, каде што треба да продолжи постапката.
Од МВР информираат дека за случајот ќе биде поднесена кривична пријава за „безобѕирно управување со моторно возило“.