СКОПСКИТЕ УЛИЦИ, ПЛОШТАДИ, ПАРКОВИ И КЕЈОВИ ЌЕ СТАНАТ СЦЕНИ НА ЖИВОТ, УМЕТНОСТ И ЗАЕДНИШТВО Потпишани 5 меморандуми во пресрет на „Скопје 2028“
Ќе ја поврземе културата со квалитетот на живеење, затоа што вистински добар град е оној во кој луѓето сакаат да останат, порача градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски, по меѓународната конференција во пресрет на „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“.
Во рамки на подготовките за „Скопје – Европска престолнина на културата 2028“, со поддршка на Програмата за развој на Обединетите нации, се одржа меѓународната конференција „Обликување на иднината на Скопје: Култура, урбани политики и одржливи европски градови“, еден од клучните настани со кој Скопје ја претставува својата визија пред Европа и светот, објави градоначалникот на Скопје, Орце Ѓорѓиевски.
„Денеска Скопје беше вистински европски центар. Место каде што културата, урбаните политики и одржливиот развој се споија во една заедничка платформа за иднината“, објави Ѓорѓиевски на Фејсбук.
Особена чест и тежина на настанот, додаде тој, му дадоа истакнатите гости: шефот на делегацијата на ЕУ, амбасадорот Михалис Рокас, министерот за култура Зоран Љутков, постојаниот претставник на УНДП Армен Григоријан, градоначалникот на Матера Антонио Николети, заменик градоначалничката на Подгорица Наѓа Лиљаник, градоначалникот на Валета Олаф Мекеј, советникот од Торино Франческо Тресо, регионалниот директор на УН Хабитат за Источна Европа Ерфан Али, како и проф.д-р. Огнен Марина, кои ги споделија своите искуства, знаења и визии пред сите присутни.
„Оваа конференција е јасна порака дека Скопје влегува во сериозна, структурирана и европски препознаена траекторија кон 2028 година. Беа потпишани вкупно 5 меморандуми за соработка кои претставуваат силен исчекор кон долгорочен, одржлив и визионерски развој на градот, како и кон успешна имплементација на титулата Европска престолнина на културата“, информира градоначалникот.
Три меморандуми, додаде, беа потпишани со реномирани европски универзитети од областа на урбанизмот и просторното планирање – Факултетот за урбанизам при Универзитетот во Лунд, Универзитетот во Солун и Политехничкиот универзитет во Торино.
„Овие академски институции, препознаени како центри на врвно знаење, иновации и на современи урбани практики, ќе обезбедат стручна и научна поддршка во креирањето на 20-годишната стратегија за урбан развој на Град Скопје. Со тоа, Скопје се позиционира како град кој својата иднина ја гради врз основа на знаење, визија и европски стандарди“, соопшти Ѓорѓиевски.
Покрај академската соработка, додаде, беа потпишани и два меморандуми со општините Матера (Италија) и Валета (Малта), градови кои во блиското минато ја понесоа титулата Европска престолнина на културата и зад себе оставија успешни, трансформативни културни приказни.
„Овие партнерства отвораат простор за директен пренос на искуства, знаење и добри практики, особено во делот на управување, програмско планирање и реализација на комплексниот процес „Европска културна престолнина“.
Соработката со универзитетите и општините партнери претставува синергија на наука, култура и локално управување, која ќе овозможи Скопје не само успешно да ја реализира 2028 година, туку и трајно да ги вгради културата и креативноста како двигатели на урбаниот, економскиот и општествениот развој“, порача градоначалникот.
Преку оваа платформа, нагласи тој, Скопје ја претстави својата културна визија, програмската рамка и меѓународните амбиции, но уште поважно, отвори суштинска дебата за иднината на европските градови. Дебата во која културата не е периферија, туку двигател на урбаниот развој, институционалната трансформација и на долгорочните општествени промени.
„Скопје, почитувани, е град што многупати бил разурнуван, но никогаш поразен. Град што од трагедиите создавал нова сила. Град што од прекините создавал нов почеток. Затоа со право го носи епитетот град на меѓународната солидарност. Токму затоа, Скопје 2028 мора да биде повеќе од културна програма. Тоа е сеопфатна трансформација. Тоа е урбана, социјална, образовна и развојна програма. Процес во кој културата не е украс, туку темел врз кој се гради иднината на градот“, порача тој.
Ќе работиме, вети Ѓорѓиевски, културата да стане вистинска јавна инфраструктура – стабилна, достапна и рамномерно развиена низ целиот град.
„Не само преку големи институции, туку и преку локални културни центри, квартовски библиотеки, мали сцени, младински хабови и простори за заедничко создавање. Ќе го градиме урбаниот идентитет на Скопје од неговата автентичност – од модернистичкото наследство, од Старата чаршија, од различностите, од живата мултикултурност, од колективната меморија и од креативната енергија на неговите граѓани. Идентитетот не се наметнува. Тој се создава заедно“, вети градоначалникот.
Ќе ја поврземе културата со квалитетот на живеење, нагласи тој, затоа што вистински добар град е оној во кој луѓето сакаат да останат.
„Град во кој јавните простори се живи, безбедни, зелени и креативни. Град во кој културата е дел од секојдневието. Ќе ги поврземе културата и економијата како инвестиција во иднината. Во креативните индустрии, во туризмот, во младите, во новите идеи.Во економија што создава вредност, но и задржува луѓе.
Ќе го разбереме јавниот простор како културен простор. Нашите улици, плоштади, паркови и кејови ќе станат сцени на живот, уметност и заедништво“, вели Ѓорѓиевски.
Европските искуства ни покажуваат дека културата има моќ да менува градови. Скопје има нешто уште поважно, има дух што знае да се обнови и да оди напред, додаде тој.
„Нашата задача е да го прочитаме градот внимателно. Да ги поврземе неговите фрагменти. Да го споиме наследството со современоста. Да ја поврземе локалната приказна со европската перспектива.Скопје 2028 е пресвртница! Трансформација! Момент кога културата ќе ја вратиме во срцето на урбаната политика.
Момент кога ќе покажеме дека идентитетот се гради со визија, работа и со посветеност. Момент кога солидарноста ќе ја претвориме во алатка за иднината. Скопје не е град што само се сеќава. Скопје е град што создава. Да изградиме град што поврзува. Град што создава вредност. Град што инспирира. Тоа е нашата одговорност. Тоа е нашата визија. И тоа е нашето Скопје“, објави скопскиот градоначалник Орце Ѓорѓиевски по меѓународната конференција во пресрет на „Скопје 2028“.