Бај, бај Шенген

Колку подолго се продолжуваат граничните контроли, толку потешко ќе биде враќањето кон целосно слободно движење. Но, ако Европската комисија заземе поцврст став и каже не, ќе ризикува најмоќните и најбогати земја во ЕУ, пред се Германија, отворено да се спротивстават.

162

Едно од највредните нешта поврзани со ЕУ е секако Шенгенскиот договор, камен-темелник на слободното движење во Европа. Договорот значи дека се укинати постојаните внатрешни гранични контроли меѓу земјите-членки, дозволувајќи им на над 450 милиони луѓе слободно да патуваат, живеат и работат без да мора да ги покажуваат своите пасоши на границите. Но дали тоа се уште функционира баш така?

„Бај, бај Шенген“ (Bye bye Schengen) е фраза која ја користат европските десничарски политичари и медиуми со која ја опишуваат кризата и повторното воведување на гранични контроли меѓу ЕУ-членките. Фразата првично стана вирална во 2015 година, а се до денес ваквите привремени контроли остануваат честа појава поради безбедносни предизвици и миграциски политики. Но, во исто време е тешко да се замисли дека некој од европската бирократија во Брисел би истапил јавно со тврдења што би можеле да бидат протолкувани како извесно оспорување на темелниот принцип на слободно движење и безграничен режим.






Заклучокот кој, всушност, најчесто се слуша е следниов: Шенген зоната функционира, но соработката е под сериозен притисок. Сепак, какво е тоа слободно прекугранично движење кога веќе со години поголоем број ЕУ-членки (вкупно девет земји) не попуштаат за да ги повлечат воведените „привремени“ гранични контроли? Контролите беа воведени по големата бегалска криза во 2015-16 година и терористичките атентати во Париз.

Протокот на бегалци кон ЕУ навистина се намали во значаен обем, но се верува дека тоа се должи токму на граничните контроли. Во секој случај, тешко се отстапува од барањето дека контролитe мора да останат сѐ додека ЕУ на ефикасен начин може да ги заштити и контолира своите надворешни граници.

Тоа, се разбира, веќе подолго време ја става Европската комисија во Брисел пред тешка дилема. Дали треба да направат исклучоци од правилата и да се дозволат продолжувања на граничните контроли и со тоа да се ризикува натамошно еродирање на еден од основните столбови на ЕУ?

Колку подолго се продолжуваат граничните контроли, толку потешко ќе биде враќањето кон целосно слободно движење. Но, ако Европската комисија заземе поцврст став и каже не, ќе ризикува најмоќните и најбогати земја во ЕУ, пред се Германија, отворено да се спротивстават.

Повеќе од десет години, Шведска има „привремени“ гранични контроли со Данска, што е спротивно на правилата на ЕУ. Деновиве Европската комисија соопшти дека таквите мерки се неоправдани и неодржливи во долгорочна смисла, и ја повикува Шведска да ги укине. Данска, Германија, Австрија, Франција, Италија, Холандија и Словенија се повикани да го сторат истото и постепено да ги укинат своите гранични контроли со други земји од ЕУ. „Комисијата ќе одржува близок контакт со сите засегнати земји-членки за да се постигне оваа цел“, беше соопштено неделава во соопштението од Брисел.

Шведска ги продолжува граничните контроли со Данска на секои шест месеци во текот на единаесет години. Најновата одлука важи до ноември 2026 година. Од самиот почеток, Шведска ја наведуваше неконтролираната миграција како причина. Сега се повикува на сериозна безбедносна ситуација, вклучително и поради „сериозен прекуграничен криминал поврзан со државни актери и тероризам“.

Сепак, Комисијата на ЕУ смета дека шведската полиција веќе има доволно алатки и без контрола на внатрешните граници. „Со оглед на алтернативните мерки што ги воведоа шведските власти, земјата треба да се стреми постепено да ги укине контролите на внатрешните граници“. Соопштението од Брисел е првиот чекор во долг процес што на крајот би можел да значи дека Европската комисија ќе ги однесе земјите-членки со продолжени меѓугранични контроли пред Европскиот суд на правдата.

Но треба да се има предвид дека причините поради кои Европската комисија чекаше десет години се пред сѐ поврзани со миграцијата, што и понатаму се смета за мошне чувствително прашање. Во моментов, ЕУ воведува нови правила за азил и миграција, напоредно со инсталирање на „најсовремен систем во светски рамки за управување со границите.“

Во тек е и нов обид Европскиот парламент и земјите-членки да се договорат за регулативата за враќање на мигрантите кои се одбиени од ЕУ. Но, група земји не чекаат на исходот на дебатата, туку веќе водат разговори за воспоставување таканаречени собирни центри за враќање надвор од ЕУ.

Наскоро, големиот пакт на ЕУ за миграција и азил стапува на сила на 12 јуни. Десет законски акти – за сè, од гранични контроли до процедури за азил – се усвоени. Еден сè уште недостасува: регулативата за враќање, која ќе воспостави заеднички правила за тоа како треба да се одбиваат мигрантите без право на престој во ЕУ. Комесарот за миграција Магнус Брунер го опиша како „последното парче од сложувалката“ во пактот.

Сепак, преговорите меѓу земјите-членки и Европскиот парламентг за правилата за враќање заглавија во мај. Преостанатото несогласување не се однесува на содржината на правилата, туку кога тие треба да стапат во сила. Европскиот парламент сака законот да стапи во сила веднаш по усвојувањето, за разлика од Советот на министри, кој се залага за двегодишен преоден период за повеќето мерки. Но за одбележување е секако дека Советот на министри е подготвен веднаш, без непотребни одложувања, да ги примени само одредбите за центрите за враќање, кои би можеле да се наречат и „центри за притвор“ надвор од ЕУ, каде што ќе можат да бидат испратени мигранти со конечни одлуки за протерување.

Без оглед на тоа што ќе се случи во следната рунда преговори, Холандија, Австрија, Данска, Германија и Грција ги здружија силите за да воспостават заеднички центри за враќање надвор од Унијата. Групата сега преговара со осум до десет потенцијални земји-партнери, вклучувајќи ги Казахстан и Узбекистан, за воспоставување вакви објекти, објави „Политико“. Моделот би бил базиран на меѓусебни договори. Во замена за прифаќање мигранти со наредби за депортација, на земјите-партнери ќе им се понуди финансиска помош или олеснети визни правила за нивните граѓани.

Моментно многу нешта, очигледно, се случуваат кога се во прашање граничните контроли и слободното (мигрантско) движење во ЕУ. Но, историски гледано, европскиот проект за безграничен режим им беше продаден на граѓаните во различни ЕУ-членки, меѓу другото, преку атрактивноста на слободното движење. Доколку меѓуграничните рампи останат спуштени, поддршката за ЕУ уште повеќе ќе ризикува да се намали.

Можеби ќе потрае долго време, најмногу поради стравот од неконтролирани текови на бегалци, за да се обнови Шенгенскиот договор, и да се рестартира според изворната замисла. Доколку тоа воопшто ќе може да се направи во догледна иднина.

Поврзани содржини