НЕМА ДА РАСТАТ КАМАТИТЕ Народна банка ја задржа основната каматна стапка на 4,25%

Народната банка оценува дека задржувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните мерки во задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за стабилност на денарот во однос на еврото, стабилизирање на инфлацијата и зацврстување на инфлациските очекувања. 

25

Народната банка (НБ) ја задржа основната каматна стапка на нивото од 4,25%. Притоа оцени дека високата неизвесност во домашното и меѓународното окружување бара внимателен пристап кон монетарната политика.

Народната банка оценува дека задржувањето на основната каматна стапка, заедно со досегашните мерки во задолжителната резерва и макропрудентната политика, ќе придонесе за стабилност на денарот во однос на еврото, стабилизирање на инфлацијата и зацврстување на инфлациските очекувања.






Од централната банка посочуваат дека движењата на девизниот пазар се стабилни, при што во периодот јули  ̶  август, Народната банка интервенира со откуп на девизи.

„Сепак, и натаму има повисока побарувачка на девизи од корпоративниот сектор, делумно како резултат и на повисоките цени на енергенсите“, велат од НБ.

Според НБ, нивото на девизните резерви и натаму е во сигурната зона и е соодветно на целта за одржување на стабилноста на девизниот курс на денарот, обезбедувајќи 4,5 месечна покриеност на увозот на стоки и услуги.

Годишната стапка на инфлација се задржува на умерено ниво од 2,6%, но во август беа видливи ефектите од растот на светските цени на енергенсите врз домашната инфлација.

Банката оцени дека сѐ уште е рано за да се потврди одржливоста на трендот на забавување на инфлацијата, особено имајќи го предвид високиот степен на неизвесност во надворешното окружување -ескалацијата на двата светки конфликти.

Растот на светските цени на енергентите се одрази и врз домашните цени, преку забрзување на растот на енергетската компонента на инфлацијата.

-Остварената инфлација е нешто послаба во однос на очекувањата во априлските проекции, при помал раст кај цените на храната од очекуваното. Сепак, инфлациските притисоци и натаму опстојуваат, при исклучително голема променливост на увозните цени, што создава ризици во однос на патеката на инфлацијата во следниот период – велат од НБ.

Оценето е дека најновите ревизии на увозните цени релевантни за инфлацијата се нагорни, при изразена неизвесност за идната динамика на цените на примарните производи на светските берзи.

Домашната економија останува отпорна и покрај неповолното и неизвесно надворешно окружување. Во вториот квартал од 2026 година, реалниот годишен раст на БДП забрза и изнесува 4,3%, што е повисоко во однос на априлската проекција. Растот во еден дел се должи на бруто-инвестициите, главно поради градежните активности поврзани со големите инфраструктурни проекти.

Во монетарниот сектор, кредитната поддршка и натаму е посилна во однос на проекциите, и е фактор што треба внимателно да се следи, додека растот на депозитната база засега не отстапува значајно од проектираната патека.

Поврзани содржини