АВИОНИ НА НАТО СОБОРИЈА ДРОН НАД ЛИТВАНИЈА Руска фрегата испука сигнални ракети кон дански воен хеликоптер
„Им благодарам на силите на Алијансата за нивната брза реакција“, напиша литванскиот претседател Гитанас Науседа на социјалната мрежа Икс.
„Им благодарам на силите на Алијансата за нивната брза реакција“, напиша литванскиот претседател Гитанас Науседа на социјалната мрежа Икс.
Борбени авиони на НАТО над Литванија соборија дрон, соопштија литванските власти. Според Центарот за управување со кризи, дронот бил соборен над рурална област во близина на селото Праткунаи, кое се наоѓа околу 50 километри југоисточно од вториот по големина град во земјата, Каунас.
Според Министерството за одбрана во Вилнус, беспилотното летало било соборено кратко по полноќ од италијански борбени авиони Еурофајтер. Властите засега не објавија поточни информации за потеклото и типот на дронот.
„Им благодарам на силите на Алијансата за нивната брза реакција. Со оглед на сè поизразената руска агресија против Украина, оваа подготвеност е од клучно значење за нашиот регион. Заедно со нашите сојузници во НАТО, Литванија ќе го брани својот воздушен простор“, напиша литванскиот претседател Гитанас Науседа на социјалната мрежа Икс.
Според литванската влада, воениот разузнавачки сервис на земјата располага со информации дека Русија би можела да размислува за напади врз критична инфраструктура во балтичките држави.
Во меѓувреме, денеска руска фрегата испука две сигнални ракети кон дански воен хеликоптер во меѓународни води во близина на брегот на Данска.
Според данската армија, ракетите минале во непосредна близина на хеликоптерот за кој е посочено дека извршувал рутинска задача за снимање на руската фрегата.
Од командата на данската армија посочија дека такви пиротехнички сигнални средства вообичаено се користат на море за испраќање предупредување.
„Рускиот амбасадор во Копенхаген ќе биде повикан на разговор во Министерството за надворешни работи во врска со инцидентот“, изјави данскиот министер за одбрана, Јепе Брус.