ДРОНОВИ ПОГОДИЈА ТРГОВСКИ БРОД ВО ЦРНОТО МОРЕ Екипажот успеал да се евакуира
Бродот пловел кон романското пристаниште Констанца, откако претходно испловил од израелското пристаниште Хаифа.
Товарниот брод под име „Contship jet“, кој плови под либериско знаме, бил погоден во напад со дронови во Црно Море, во близина на ‘ртот Калиакра, околу 60 километри североисточно од Варна – објави бугарскиот портал Maritime.bg.
Според специјализираниот портал, екипажот на нападнатиот брод бил евакуиран на чамци за спасување. Засега нема детали за состојбата на морнарите, ниту за обемот на штетата на пловилото.
Бугарското Министерство за одбрана потврди дека е запознаено со инцидентот, но најави детали за подоцна.
Бродот пловел кон романското пристаниште Констанца, откако претходно испловил од израелското пристаниште Хаифа. Според информациите на порталот, пловилото се наоѓало на околу 16 наутички милји од ртот Калиакра.
Нападот е најнов во низата напади со воздушни и поморски дронови врз трговски бродови во близина на бугарскиот и романскиот брег во текот на октомври.
Нападот се случува додека во Софија се одржува средба на министрите за одбрана на Бугарија, Турција и на Романија.